Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека владината коалиција е стабилна и покрај најавите на лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, дека партијата би можела да ја напушти Владата доколку не се постигне договор за полагањето на правосудниот испит и се дозволи тој да се полага и на друг јазик освен на македонскиот.
Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски рече дека парламентарното мнозинство е значително поголемо од потребните 61 пратеник и дека засега нема причина да се доведува во прашање стабилноста на Владата.
– Владата се избира со мнозинство од 61 пратеник во парламентот. Ние имаме мнозинство кое е многу повеќе од 61 пратеник, така што Владата е стабилна, односно најстабилна во овој дел на Европа, можеби и пошироко – изјави Мицкоски.
Тој додаде дека Владата продолжува да ги спроведува политиките и проектите што се важни за граѓаните, посочувајќи дека фокусот останува на реализација на преземените обврски.
Премиерот потврди и дека е договорено одржување коалициска лидерска средба во текот на декември, на која би требало да се разговара за актуелните прашања во рамки на владејачката коалиција.
– Да, точно, разговаравме за коалициска лидерска средба и рековме дека во рамките на декември ќе организираме таква коалициска лидерска средба – рече Мицкоски.
Мицкоски потврди дека имал разговор со лидерот на ЗНАМ, но не навлезе во детали околу содржината на нивниот разговор. За конкретните позиции на Димитриевски во однос на прашањето за правосудниот испит, премиерот упати да биде прашан самиот лидер на ЗНАМ.









