Ива Михаилова во објава на Фејсбук порачува дека никој во Бугарија не ја принудувал на ништо, откако бугарскиот јутјубер Станислав Цанов објави аудиоснимки од разговори со неа во кои таа зборува за наводно условување на помошта за рехабилитација со гостување кај конкретен новинар. Во реакцијата на Фејсбук таа изрази благодарност за поддршката што ја добива во Бугарија, но не ги објасни конкретните наводи од објавените разговори.
„Сакам да нагласам дека никој во Бугарија не ме принудувал да правам што било. Тука добив помош, грижа и поддршка“, напиша Михаилова, барајќи да биде оставена да се лекува во мир. Во објавата не ги споменува по име ниту Цанов, ниту бугарската Државна агенција за национална безбедност – ДАНС.
Нејзиното огласување следува по објавувањето на снимките во емисијата на Цанов. Според неговото објаснување, двајцата имале договорено интервју, но Михаилова го откажала гостувањето неколку часа пред снимањето. Во разговорите што ги објави, таа му кажува дека од ДАНС побарале прво да се појави кај Мартин Карбовски, а дури потоа во други емисии.
Според зборовите на Михаилова во снимките, барањето било придружено со предупредување дека може да ја изгуби поддршката за рехабилитација и правната помош доколку не го испочитува. Таа тврди и дека ѝ било кажано оти службата може да влијае врз прашањата што ќе ѝ ги постави Карбовски.
„Рехабилитацијата ми зависи од нив“, му вели Михаилова на Цанов во еден од објавените разговори. Гостувањето кај Карбовски потоа навистина се одржало. Во друг разговор, снимен по тој настап, таа зборува за тежок психички притисок и вели дека има работи за кои не сакаат да зборува.
Судот го одби барањето на Ива Михаилова да сведочи преку видеоврска од Бугарија
Случајот предизвика и политички реакции во Бугарија. Од „Демократска Бугарија“ најавија дека ќе ги проверуваат тврдењата и ќе бараат истрага за постапувањето на ДАНС и други структури на специјалните служби, објавија бугарските медиуми. Најавата за проверка, сепак, не претставува потврда на обвинувањата.
Против Михаилова во Кочани се води судска постапка во отсуство за сообраќајна несреќа со загинато лице. Во објавените разговори со Цанов таа негира дека бугарските служби ѝ помогнале да ја напушти Македонија, тврдејќи дека тоа го направила сама.









