Левица упати сериозни обвинувања за наводна политичко-коруптивна поврзаност меѓу премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. Партијата тврди дека предметот за уставноста на членот 218 од Законот за извршување се одолговлекува, а за возврат на Костадиновски наводно би му било обезбедено професорско место на државен универзитет.
Од Левица се повикуваат на пресуда на Европскиот суд за човекови права од ноември 2025 година, во предметот „АД Осигурителна полиса против Република Македонија“. Според партијата, со пресудата е утврдено дека државата со години ги привилегира јавните институции, претпријатијата и општините во постапките за извршување правосилни судски пресуди.
Левица наведува дека неплатените побарувања на граѓаните и приватните компании од јавниот сектор достигнале околу 700 милиони евра. Во центарот на спорот е членот 218 од Законот за извршување, кој предвидува ограничувања за присилна наплата од јавните претпријатија.
Партијата тврди дека Уставниот суд претходно изразил сомнеж во уставноста на оваа одредба и повел постапка за нејзино оценување, но дека предметот сè уште не е ставен на гласање на јавна седница. Според Левица, ваквото одолговлекување отвора сомнежи за политички влијанија.
Во соопштението се посочуваат и претходни изјави на Костадиновски за долговите на јавните претпријатија, како и негови подоцнежни ставови дека Уставниот суд не треба да поддржи одлука што би можела да предизвика финансиски колапс или банкрот на државата.
Врз основа на овие околности, Левица поставува прашање дали постои договор според кој предметот ќе остане нерешен, а Костадиновски по завршувањето на мандатот ќе добие професорска позиција на државен универзитет, иако, според партијата, не ги исполнува потребните научни квалификации.
Од партијата побараа одговори од Мицкоски и Костадиновски и ја повикаа Државната комисија за спречување на корупцијата да отвори предмет по допрен глас.









