Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против поранешниот генерален директор на АД „Пошта“, Јани Макрадули, поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување. Од СДСМ реагираат дека пријавата е политички мотивирана и ја обвинуваат власта дека ги користи институциите за пресметка со политичките неистомисленици.
Според Финансиската полиција, Макрадули во периодот од 2021 до 2022 година не постапил по одлуки на Управниот одбор за исплата на обврски кон две правни лица во вкупен износ од 19,3 милиони денари, иако му била доставена потребната документација.
Поради неисплатените обврски, против „Пошта“ биле поведени судски постапки, по кои со пресуди биле утврдени дополнителни обврски за казнена камата. Финансиската полиција проценува дека со ваквото постапување на државната компанија ѝ била нанесена штета од 10.968.483 денари.
Од СДСМ ја отфрлаат кривичната пријава како политички мотивирана и тврдат дека Финансиската полиција постапува селективно, под политичко влијание, додека не реагира по пријавите и документите што, според партијата, ги доставуваат за сомневања за криминал и корупција поврзани со актуелната власт.
„Јасно е дека кривичната против Јани Макрадули е по нарачка, класичен политички прогон“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата прашуваат како може да се поднесе кривична пријава поради неисплата на обврски за договори што веќе биле истечени. Тие тврдат и дека станува збор за затекната состојба од период пред назначувањето на Макрадули, како и дека немало правен основ за исплата.
СДСМ ги обвинува Финансиската полиција, Обвинителството и судството за неактивност во други случаи за кои партијата тврди дека доставила пријави и докази, меѓу кои случаи поврзани со јавни набавки, здравството и работењето на државни институции.
Од партијата упатуваат критики и кон премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека институциите постапуваат селективно.








