Кристијан Корабоски од Охрид, осомничен за насилството врз 26-годишната Сара Ѓорѓиеска, доби 30-дневен притвор откако Основното јавно обвинителство поднесе обвинение против него за три кривични дела.
Тој се товари за телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста. Обвинителството оценило дека собраните докази се основа за проширување на првичната квалификација и побарало притвор поради опасност од бегство и повторување на делото. Судот го прифатил предлогот, а мерката почнала да се спроведува од синоќа во затворот во Охрид.
Според обвинението, при вршење семејно насилство, 31-годишниот Корабоски противправно ја затворил партнерката, физички ја нападнал, ѝ нанел повреди и ја загрозил нејзината сигурност.
Од Обвинителството информираа дека оштетената била испитана во присуство на претставници на социјалните служби, а било извршено и вештачење за видот и карактерот на повредите.
Нападот се случил на 15 ноември, околу два часот по полноќ. Според информациите од МВР, расправијата започнала во домот на осомничениот, а продолжила во автомобил. Тој ја нападнал девојката и откако го запрел возилото, при што таа изгубила свест и паднала на улицата. Била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа во болницата „Св. Еразмо“, каде ѝ биле констатирани тешки телесни повреди.
По првичното приведување, на Корабоски му беа определени мерки на претпазливост, меѓу кои забрана да ѝ се приближува на девојката, одземање на пасошот и редовно јавување во судот. По дополнително собраните докази, тој повторно беше приведен, а обвинителството побара притвор.









