Претставници на ФИФА и УЕФА в среда ќе пристигнат во Белград со задача да предложат решение за кризата во Фудбалскиот сојуз на Србија (ФСС), објави „Спорт клуб“.
Според информациите на медиумот, во Белград ќе допатуваат тројца претставници на двете меѓународни фудбалски организации, кои ќе спроведат серија разговори со претставници на ФСС, Здружението на клубови и други организации вклучени во српскиот фудбал.
Меѓу членовите на делегацијата ќе биде и Лука Никола, поранешен член на УЕФА, а сега директор за менаџмент и односи со заинтересирани страни во ФИФА.
Целта на посетата е да се утврди фактичката состојба и да се разгледаат можните начини за надминување на проблемите во раководењето со српскиот фудбал. По разговорите, претставниците на ФИФА и УЕФА треба да предложат модел за излез од кризата.
Според неофицијалните информации на „Спорт клуб“, во моментов се разгледуваат неколку правно издржани решенија. Засега нема најави за одложување или откажување на седницата на Собранието на ФСС, закажана за 14 ноември.
Во рамки на решението треба да се утврди и статусот на мандатите на собраниските и комисиските тела на ФСС, кои беа конституирани во 2022 година.









