Министерката за образование на Босна и Херцеговина, Јасна Дураковиќ, ги советува граѓаните да ги одложат деловните договори, преговорите и потпишувањето документи до втората половина на ноември, бидејќи, според неа, ретроградниот Меркур негативно влијае врз комуникацијата и однесувањето на луѓето.
Дураковиќ објави видео на својот профил на ТикТок во кое зборува за астролошкиот феномен, кој, започна на 30 октомври и ќе трае до 14 ноември, пренесува Klix.ba.
Таа вели дека последниве денови имала низа непријатни искуства во комуникацијата со луѓето, поради што почнала да верува дека движењето на планетите може да влијае врз расположението и однесувањето.
„Почнувам навистина да верувам во фактот дека позицијата на планетите влијае врз нашето расположение, нашето однесување и навистина нашата комуникација“, вели министерката.
Како дополнителна причина за нејзината загриженост го посочува и сопствениот хороскопски знак – Близнаци. Според неа, Меркур е планетата поврзана со овој знак, а бидејќи и самата професионално се занимава со комуникации, периодот особено ѝ тешко паѓа.
Дураковиќ забележала дека луѓето во последните денови се понервозни и полесно се иритираат, па одлучила да се повлече од деловните активности до 14 ноември.
„Ви препорачувам сите договори, преговори, потпишувања договори или какви било важни деловни активности да ги оставите за вториот дел од ноември“, порача таа.
На крајот, министерката ги повика следбениците да не оставаат навредливи и негативни коментари под видеото, додавајќи дека токму нивните реакции ќе покажат колку ретроградниот Меркур влијае врз нив.








