Жители на Крива Паланка денеска го блокираа магистралниот пат, барајќи надлежните да ги спроведат решенијата за одземање на добитокот што со години се движи без надзор низ градот и околните села. За време на протестот дошло до турканица меѓу неколку демонстранти и полицајците што го обезбедувале собирот, а не е јасно што ја предизвикало, пишува Слободен печат.
Собирот кај клучката кај мотелот „Македонија“ го најави градоначалникот Сашко Митовски, кој ги повика жителите на мирен протест. Жителите се жалат дека стадата им ги уништуваат посевите и им го оштетуваат имотот, а движењето на животните по патиштата предизвикува загриженост за безбедноста.
На протестот присуствуваа градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, Крмов и пратеникот на СДСМ Љупчо Николовски.
Три дена пред протестот, Општината поднесе кривични пријави до Јавното обвинителство поради неспроведени решенија за одземање на добитокот и побара да се испита дали имало пропусти во постапувањето на надлежните.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство соопштија дека на подрачјето на Крива Паланка досега се заловени 96 говеда и дека со другите институции и со Општината работат на трајно решение.








