Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва не сака воен конфликт со Европа, но дека е подготвена за такво сценарио доколку дојде до ескалација на тензиите. Тој предупреди дека во евентуална војна меѓу Русија и европските земји нема да има победници.
„Подготвени сме, но не сакаме никаква војна со Европа. Ако некој сака, нека се подготвува. Но, ако работите отидат предалеку, воопшто нема да има победници. Никој не треба да го заборави тоа“, рече Путин на прес-конференција по завршувањето на самитот „Русија-Африка“ во Москва.
Тој ги коментираше и повиците во некои европски земји за подготовка за можен воен конфликт со Русија до 2030 година, оценувајќи дека таквите потези не се оправдани. Притоа тврдеше дека Западот не успеал да ја оствари својата цел за нанесување „стратешки пораз“ на Русија и дека тоа тешко ќе биде возможно и во наредните години.
Паралелно со предупредувањата, рускиот претседател испрати порака дека Москва е подготвена за подобрување на односите со европските држави. Тој рече дека Русија ги поддржува сите иницијативи за обновување на целосни и функционални односи, без разлика дали тоа ќе се случи преку Европската Унија или преку билатерални разговори со одделни земји.
Како пример ги посочи неодамнешните телефонски разговори со финскиот претседател Александер Стуб и норвешкиот премиер Јонас Гар Стере. Според Путин, двајцата лидери го контактирале во име на своите држави, а не како претставници на Европската Унија. Тој ги бранеше нивните разговори со Москва, и покрај критиките што ги добиле од други европски политичари.
Во разговорите била отворена и безбедносната ситуација во регионот на Балтичкото Море. Путин рече дека Русија сака слободна пловидба и почитување на меѓународното поморско право, предупредувајќи дека ограничувањата во комуникацијата и поморскиот сообраќај би можеле да создадат дополнителни тензии. Тој порача дека Москва ќе одговори на секој предизвик, но дека не сака Балтичкото Море да се најде во ситуација слична на онаа во Ормускиот Теснец.
Изјавите на Путин доаѓаат во период на зголемени тензии меѓу Москва и европските престолнини поради војната во Украина, воените подготовки и безбедносните прашања во северна и источна Европа.







