Повеќе од 15 милиони интерни документи на најголемата германска банка, „Дојче банк“, откриваат низа спорни деловни практики, пропусти во контролата на клиентите и предупредувања за можни финансиски злоупотреби кои, според истражувањето на повеќе медиуми, со години не биле соодветно третирани. Документите отвораат прашања за работењето на банката со руски олигарси, контроверзни клиенти и богати лица кои користеле сложени даночни модели.
Како што објавува „Дојче веле“, до новинарите стигнале повеќе од девет милиони електронски пораки, како и извештаи, презентации и календарски записи од внатрешните системи на банката. Материјалите биле доставени од непознати извори, а во нивната анализа учествувале новинари од германскиот „Шпигел“, јавниот сервис ZDF, американскиот „Њујорк тајмс“ и британскиот „Фајненшл тајмс“, меѓу другите медиуми.
Една од темите што ја издвојуваат документите е стратегијата на банката за проширување на бизнисот со богати руски клиенти, вклучително и олигарси. Според објавените информации, во декември 2020 година на Управниот одбор му била претставена стратегија за рускиот пазар, со амбиција приходите од овој сегмент да пораснат од 28 милиони евра на крајот на 2020 година на 50 милиони евра до 2023 година.
За потребите на оваа стратегија, банката составила и список на 200 најбогати Руси. Плановите продолжиле и покрај предупредувањата од правни и финансиски експерти за ризиците од работењето во Русија. По руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година, банката најави повлекување од рускиот пазар, но тој процес, според извештајот, сè уште не е целосно завршен.
Документите откриваат и информации за деловните односи со Џефри Епстин, осудениот сексуален престапник, како и за претходни трансакции поврзани со американскиот претседател Доналд Трамп. Меѓу спорните практики се споменуваат и даночни модели наменети за богати клиенти, работење со клиенти од индустрии со големо влијание врз климата, како и продолжување на одредени банкарски услуги и покрај внатрешните забелешки.
Особено загрижувачки се наводите дека внатрешните предупредувања за ризични клиенти и трансакции биле занемарувани, додека деловните односи продолжувале. Тоа повторно го отвора прашањето за ефикасноста на системите за спречување перење пари и контролата врз финансиските операции на една од најголемите европски банки.
Извршниот директор на „Дојче банк“, Кристијан Севинг, призна дека во минатото биле направени грешки, но негираше дека свесно ги игнорирал ризиците. Претседателот на Надзорниот одбор, Александар Винендс, застана во негова одбрана и изјави дека досега не добил информации што би предизвикале сомнеж во неговото работење.
Од банката не ја оспоруваат автентичноста на досега објавените документи, но нагласуваат дека голем дел од настаните датираат од пред повеќе години и дека оттогаш институцијата претрпела значителни промени. Наведуваат дека од 2019 до 2025 година вложиле седум милијарди евра во подобрување на внатрешните контроли и дека соработувале со регулаторните тела во истрагите за претходните случаи.
Сепак, германскиот министер за финансии Ларс Клингбајл најави дека регулаторите внимателно ќе го разгледаат случајот и побара банката транспарентно да објасни како ги отстранила недостатоците во контролниот систем.
Протекувањето на документите веќе имаше одраз и на берзата. Акциите на „Дојче банк“ во вторникот паднаа до 6,2 проценти, што ја направи банката еден од најголемите губитници во германскиот берзански индекс DAX. Аналитичарите предупредуваат дека засега е рано да се процени дали новите откритија ќе доведат до дополнителни правни и регулаторни последици.
Од банката, пак, тврдат дека не очекуваат значителни финансиски последици од објавените документи.
Прашањето што останува отворено е дали најавената трансформација на „Дојче банк“ навистина ги отстранила старите слабости или новите документи ќе откријат дека проблемите со контролата и управувањето со ризиците биле подлабоки отколку што досега се признаваше.









