Министерството за надворешни работи денеска повика на разговор претставник на Амбасадата на Република Бугарија, кој во отсуство на амбасадорот ја извршува функцијата вршител на работи, изразувајќи незадоволство од изјавите на бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев и бугарскиот амбасадор Жељазко Радуков во врска со случајот со Ива Михајлова.
Од МНР оценуваат дека изјавата на Демерџиев била навредлива и провокативна, додека изнесените ставови на амбасадорот Радуков во интервју за телевизијата БТВ ги сметаат за директно мешање во внатрешните работи на државата, поради квалификациите за работата на надлежните институции.
„Ваквите провокации го оддалечуваат билатералниот дијалог од рамката во која треба да се развиваат добрососедските односи – врз основа на меѓусебно почитување, воздржаност и конструктивна комуникација“, наведуваат од Министерството.
Оттаму предупредуваат дека ваквото однесување може да наметне соодветна институционална реакција согласно Виенската конвенција за дипломатски односи, која ги утврдува правилата за дипломатско дејствување и принципот на немешање во внатрешните работи на државата домаќин.
Од МНР посочуваат дека остануваат посветени на развојот на добрососедските односи, но очекуваат и бугарската страна да покаже меѓусебно почитување, одговорност и конструктивен пристап.








