Околу 200 патници кои платиле и до 450.000 долари за да живеат на крузер и да патуваат низ светот останаа заглавени во Камбоџа, откако компанијата што управува со бродот останала без доволно финансиски средства за да продолжи со работењето.
Станува збор за бродот „Одисеја“ (Odyssey), кој во октомври 2024 година испловил од Белфаст на планирано три и полгодишно патување низ светот. Проектот на американската компанија „Вила Ви Резиденсис“ (Villa Vie Residences) бил замислен како можност патниците да купат или изнајмат сопствена кабина и долгорочно да живеат на бродот, посетувајќи различни земји и континенти.
Компанијата продавала кабини по цени од околу 120.000 до 450.000 долари, а дел од патниците вложиле значителен дел од своите заштеди, па дури и ги продале своите домови и имоти за да го остварат сонот за постојано патување.
Но, авантурата ненадејно била прекината во камбоџанското пристаниште Сихануквил. На патниците им било соопштено дека мора да го напуштат бродот, откако компанијата привремено ги суспендирала операциите поради сериозни финансиски проблеми.
Како главна причина за кризата биле наведени драстично зголемените трошоци за гориво, поврзани со војната во Иран и нарушувањата во поморскиот сообраќај. Од компанијата соопштиле дека месечните трошоци за гориво по кабина, кои претходно изнесувале околу 1.800 долари, во одредени делови од Азија достигнале меѓу 6.000 и 8.000 долари.
Иако компанијата презела мерки за намалување на потрошувачката, вклучително и забавување на пловидбата и подолг престој во пристаништата, тоа не било доволно за да се спречат финансиските загуби.
Според информациите од локалните власти, на бродот имало 203 патници и 156 членови на екипажот. Дел од патниците веќе заминале од Камбоџа со авион, додека други останале во Сихануквил, принудени сами да бараат привремено сместување.
Некои од нив сведочат дека проблемите започнале и пред официјалниот прекин на патувањето, кога управата сè почесто барала дополнителни финансиски средства од патниците за да може бродот да продолжи да функционира.
Компанијата најавила дека работи на реструктуирање и обезбедување нов капитал, со надеж дека ќе најде решение за продолжување на проектот. Засега, сепак, нема сигурен датум кога „Одисеја“ повторно ќе исплови.
За дел од патниците, кои вложиле огромни суми и очекувале со години да живеат на море, патувањето од соништата се претвори во финансиска неизвесност, далеку од нивните домови.







