Еден ден по одбележувањето на 35 години независност, Македонија повторно зборува за државност, достоинство, иднина и европски вредности. Знамињата се собраа, говорите завршија, а големите зборови повторно се вратија во фиоките – до следниот празник. Остана само прашањето што ретко го поставуваме: каква држава изградивме за овие три и пол децении и колку човештина остана во нејзините институции?
Во „Парадоксот на Диоген“, драмата што Томе Арсовски ја напишал во 1961 година, обвинетиот инженер Драшко Каровски се наоѓа пред суд поради уривањето на хотелот „Сплендид“, несреќа во која се загубени и човечки животи. Но судењето постепено престанува да биде само процес против еден инженер. На обвинителна клупа се наоѓа целото опкружување што го создало: директорот што му попуштал, колегите што молчеле, техничарот што пишувал лажни извештаи, блиските што го идеализирале и општеството што успехот го мерело со стан, автомобил, положба и привилегии.
Токму затоа ова дело денес не изгледа како лектира од едно минато време. Изгледа како записник од наша современа институционална седница.
И Македонија денес има свои „Сплендиди“. Тоа не се само зградите што можат физички да се урнат. Тоа се системите изградени врз формално исполнети услови, потпишани записници, премолчени недостатоци и одговорности префрлени од една институција на друга. На хартија, сè е во ред. Комисијата заседавала, инспекторот извршил увид, раководителот потпишал, службеникот постапил, тендерот бил спроведен, надзорот бил назначен. А кога конструкцијата ќе попушти, одеднаш никој не знае кој ја извадил носечката греда.
Нашиот најголем проблем не е недостигот од процедури. Имаме стратегии, акциски планови, комисии, координатори, работни групи и европски проекти. Проблемот е што одговорноста кај нас најчесто постои како збор, а многу поретко како последица. Таа се движи низ институциите како предмет без надлежен службеник: се препраќа, се архивира и на крајот застарува.
Драшко не станал неодговорен преку ноќ. Неговиот морален пад започнува многу порано од уривањето на хотелот. Почнува во мигот кога привилегијата му е претставена како признание за талентот, кога попустливоста е прогласена за поддршка, а критиката – за завист и непријателство. Од скромен и чесен млад човек, тој постепено станува убеден дека правилата важат за другите, дека неговата стручност го ослободува од контрола и дека институцијата треба да се приспособи на неговите потреби. Зар тоа не е и нашиот модел на создавање јавни авторитети?
Најпрвин некого прогласуваме за херој, го идеализираме, па му припишуваат партиски достигнувања. Потоа му дозволуваме повеќе отколку што му дозволуваме на другите. Ги игнорираме предупредувањата затоа што „човекот знае што прави“. Кога некој ќе побара проверка, го обвинуваме дека го попречува процесот. Кога професионалец ќе укаже на ризик, го прогласуваме за конфликтен. Кога службеник ќе одбие да потпише нешто сомнително, му објаснуваме дека „така функционира системот“. Сè до денот кога нешто ќе се урне. Тогаш одеднаш почнува потрагата по виновникот.
Но, Арсовски поставува многу потешко прашање: дали е виновен само оној што го направил последниот пропуст или и оние што со години го подготвувале? Дали одговара само човекот што го ставил потписот или и раководителот што барал резултат по секоја цена? Дали е виновен само оној што лажел во извештајот или и институцијата што никогаш не сакала да ја провери вистината? Дали молчењето е неутралност или соучесништво?
Македонското општество предолго ја бара вината како изолиран чин, а не како синџир. Затоа по секоја криза добиваме име, но не и објаснување; оставка, но не и промена; обвинет, но не и поправен систем. Поединецот се жртвува за институцијата да продолжи да функционира на истиот начин.
И европските извештаи со години ја повторуваат истата дијагноза со различни формулации: загриженост за независноста на судството, влијанијата врз институциите, недоволната борба против корупцијата и слабото спроведување на донесените правила. Европската комисија и во извештаите за владеењето на правото и за напредокот на земјата укажува дека проблемот не е само во законите, туку во институционалната способност и политичката волја тие навистина да важат.
Парадоксот е што сите ја знаеме вистината, а сепак продолжуваме да се однесуваме како таа да треба дополнително да се истражи. Знаеме дека партиската припадност често вреди повеќе од стручноста. Знаеме дека институциите можат да бидат строги кон немоќниот, а толерантни кон влијателниот. Знаеме дека лажниот извештај понекогаш е побезбеден избор од вистинитото предупредување. Знаеме дека оние што поставуваат непријатни прашања често се третираат како проблем, додека оние што произведуваат удобни одговори напредуваат. Но секогаш се однесуваме како да сме изненадени кога ќе се урне „Сплендид“.
Во драмата, Диоген со запален фенер сред бел ден бара човек. Драшко се обидува човекот да го најде во себе – и не успева. Тоа е неговата вистинска трагедија. Не само што направил професионален пропуст, туку претходно го изгубил внатрешниот критериум според кој можел да го препознае сопствениот пад.
Денешна Македонија не страда само од недостиг на способни луѓе. Таа страда од систем што способниот човек го става пред избор: да се приспособи, да замолчи или да биде отстранет. А оној што ќе се приспособи, со текот на времето почнува да верува дека компромисот е професионализам, послушноста е лојалност, а привилегијата – заслужено право.
Затоа денес не ни треба Диоген само за да бара чесен човек. Ни треба да бара институција што нема да зависи од нечие лично херојство. Институција во која предупредувањето нема да се казнува, контролата нема да се доживува како навреда, а одговорноста нема да започнува дури откако ќе има жртви.
На крајот од драмата пресудата за Драшко не е изречена. Таа е оставена на публиката. И можеби токму тука Арсовски е најсовремен наш автор: сите сме публика што гледа како се гради, како се премолчува и како се урива – а потоа се однесуваме како судењето да нема никаква врска со нас. Но. има.
Зашто секој наш „Сплендид“ е изграден и од молчењето на оние што навреме виделе дека темелите попуштаат. А држава не се гради само со закони, бетон и свечени говори. Се гради со луѓе што ќе кажат „не“ пред уривањето, а не со комисии што ќе објаснуваат зошто тоа било неизбежно откако веќе ќе се случи. Прашањето, затоа, не е дали Диоген денес би пронашол човек во Македонија.
Прашањето е дали ние сè уште имаме храброст да го запалиме фенерот.
Пишува мр. Лилјана Пецова Илиевска и извршна директорка на Здружението ИМПЕТУС
*Ставовите и колумните објавени се лични мислења на авторите и не претставуваат став или уредувачка политика на Коректив.мк. Редакцијата не сноси одговорност за евентуални грешки или штети кои би можеле да настанат од објавените содржини.










