Воспоставување на владеење на правото, декриминализација на државата и расчистување со корупцијата ќе бидат меѓу главните приоритети на новата влада во Србија во првите 100 дена од мандатот, најави Илија Срдановиќ, прв на листата на студентското движење „Студентите победуваат“, кое победи на предвремените парламентарни избори.
Во интервју за српски портал, Срдановиќ порача дека новата власт ќе се фокусира на воспоставување функционални институции и преземање на клучните механизми на извршната власт, со цел да се обезбеди еднаквост пред законот за сите граѓани.
Една од првите задачи, според него, ќе биде утврдување одговорност за евентуалните злоупотреби во државните институции, особено во случаите во кои постојат сомневања за уништување службена документација што може да содржи докази за кривични дела.
„Уништувањето на документацијата нема да ги скрие трагите“, предупреди Срдановиќ, посочувајќи дека и покрај евентуалното уништување на хартиените документи, информациите можат да се обезбедат преку електронските записи и ИТ-форензички постапки.
Тој нагласи дека сите што уништуваат, прикриваат или поттикнуваат уништување докази ќе мора да одговараат согласно законот. Притоа ги повика вработените во институциите да спречат вакви злоупотреби или да ги пријават кај надлежните органи.
Срдановиќ најави и дека евентуалните апсења ќе се спроведуваат исклучиво врз основа на докази и во законска постапка, при што одлуките за покренување истраги ќе бидат во надлежност на обвинителството.
„За секого што го прекршил законот ќе биде обезбедена соодветна мерка“, порача тој.
Во однос на составот на новата влада, Срдановиќ рече дека сè уште е рано да се зборува за имињата на идниот премиер и министрите. Одлуките ќе се носат по објавувањето на конечните изборни резултати и завршувањето на постапките во врска со повторувањето на гласањето на 53 избирачки места.
Студентската листа најавува и преиспитување на трошењето на јавните пари, особено средствата што државните компании ги издвојувале за медиуми. Срдановиќ ги поддржа обвинувањата на нивниот кандидат Немања Каровиќ за наводни месечни исплати од „Телеком Србија“ кон таблоидот „Информер“, како и за обид за изнесување една милијарда динари од Поштенска штедилница.
Тој порача дека користењето буџетски средства за финансирање медиуми на ваков начин нема да биде дозволено во иднина.
Меѓу најавените приоритети на студентското движење се и реформите во полицијата, обвинителството и судството, зајакнувањето на слободата на медиумите и донесувањето закон за лустрација, предвиден во нивната програма.
Студентската листа победи на изборите на 25 октомври, освојувајќи 52,71 отсто од гласовите и 140 од вкупно 250 пратенички места, според прелиминарните резултати. Сепак, формирањето на новата влада ќе следува по завршувањето на изборните процедури и конституирањето на новото Собрание.







