Недостигот на работна сила, иселувањето, ниското учество на жените и младите на пазарот на трудот и неформалната економија остануваат меѓу главните предизвици со кои се соочува Македонија. Овие проблеми се нотирани и во новата Национална програма за достоинствена работа за периодот 2026–2030 година, која денеска ја потпишаа организациите на работодавачите, синдикатите и Меѓународната организација на трудот (МОТ) во Владата.
Иако во програмата се најавуваат реформи за подобри услови за работа, поголема продуктивност и посигурни работни места, самите констатирани проблеми покажуваат дека пазарот на трудот и натаму се соочува со сериозни структурни слабости.
Меѓу нив се издвојуваат недостигот на работници, демографските промени и емиграцијата, неусогласеноста меѓу вештините на работната сила и потребите на компаниите, како и ниското учество на жените и младите во работните процеси.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, најави дека приоритет ќе бидат унапредувањето на работничките права, развојот на вештините според потребите на пазарот, поголемото вклучување на младите и жените и намалувањето на неформалната економија.
„Нашите приоритети се унапредување на работничките права, развој на вештините според потребите на пазарот на трудот, поголемо вклучување на младите и жените и намалување на неформалната економија“, изјави Дурмиши.
Тој посочи дека успехот на програмата ќе се оценува според конкретните подобрувања што ќе ги почувствуваат работниците и компаниите.
Програмата е поделена во три приоритетни области. Првата се однесува на создавање подобра економска средина преку усогласување на трудовото законодавство, унапредување на безбедноста и здравјето при работа, посилен социјален дијалог и колективно договарање, како и поддршка на малите и средните претпријатија.
Втората област се однесува на стручното образование и развојот на вештините, со цел работната сила подобро да одговори на потребите на компаниите. Третата е насочена кон економско зајакнување на жените, отстранување на пречките за нивно вработување, намалување на родовиот јаз во платите и справување со насилството и вознемирувањето на работното место.
Директорката на МОТ за Централна и Источна Европа, Клер Харасти, посочи дека светот на работата во Македонија се менува и дека заедничката посветеност на институциите, работодавачите и синдикатите е неопходна за создавање поквалитетни работни места и посилни институции на пазарот на трудот.
Националната програма за достоинствена работа е изработена преку трипартитни консултации и е усогласена со Рамката на Обединетите нации за соработка за одржлив развој за периодот 2026–2030 година, како и со пошироката агенда на земјата за европска интеграција.







