НАТО-авиони соборија дрон кој во текот на ноќта го нарушил воздушниот простор на Литванија, соопштија литванските власти. Инцидентот се случил рано утринава, а леталото било пресретнато и соборено во близина на селото Праткунаи, во близина на градот Каунас.
Според првичните информации, дронот влегол во Литванија од правец на соседна Белорусија и се движел кон запад. Засега не е потврдено неговото потекло, ниту е утврден точниот тип на леталото. Литванскиот национален центар за управување со кризи соопшти дека претходно бил активиран воздушен аларм во Вилнус и околниот регион.
Литванскиот претседател Гитанас Науседа потврди дека дронот бил уништен од борбени авиони на НАТО и ја поздрави брзата реакција на сојузничките сили.
Инцидентот се случува во момент на зголемена безбедносна загриженост во балтичкиот регион поради војната во Украина и зачестените случаи на беспилотни летала кои навлегуваат во воздушниот простор на земјите членки на НАТО. Балтичките држави Литванија, Латвија и Естонија во последниот период пријавија повеќе вакви инциденти.
НАТО ја спроведува мисијата за воздушна одбрана на Балтикот уште од 2004 година, кога трите земји станаа членки на Алијансата. Во мај годинава, борбени авиони на НАТО соборија украински дрон над Естонија, а слични пресретнувања беа пријавени и во Латвија.
Случајот дополнително ги засилува стравувањата дека војната во Украина сè почесто создава безбедносни инциденти и надвор од директната зона на конфликтот. Полска, пак, денеска активираше свои борбени авиони како превентивна мерка поради руските напади со дронови врз Украина, иако подоцна беше соопштено дека нејзиниот воздушен простор не бил нарушен.
Литванските власти сега работат на утврдување на потеклото и карактеристиките на соборениот дрон. Засега нема информации за жртви или причинета материјална штета на теренот.










