Левица отвора прашања за можна интервенција на судијка во случајот со нападот врз 26-годишната Сара од Охрид, откако до партијата, како што тврдат, пристигнале информации за семејна поврзаност меѓу судијката Гордана Билеска и обвинетиот Кристијан Корабоски.
Од партијата посочуваат дека Билеска, која е судијка во Основниот граѓански суд Скопје и предавач на Академијата за судии и јавни обвинители, е сестра на Гоце Корабоски, односно тетка на обвинетиот. Бараат да се утврди дали станува збор за лицето споменато во сведоштвото на мајката на Сара, во кое таа изнесе сомнежи за интервенции во болницата со цел влијание врз медицинските докази.
Дополнително, од Левица тврдат дека добиле информации оти судијката наводно интервенирала за Корабоски да добие привилегирано сместување во притворското одделение во Шутка.
„Прашуваме дали навистина постои ваков обид? Односно, дали се употребува авторитетот на судиската функција?“, прашуваат од партијата.
Од Левица бараат Судскиот совет да ги провери наводите и, доколку се утврдат неправилности, да постапи во рамките на своите законски надлежности за утврдување судиска одговорност.
Од Обвинителството, пак, бараат да испита дали имало обиди за влијание врз медицинските лица и документацијата поврзана со случајот.
Партијата бара да се провери и евентуалното политичко влијание, посочувајќи ја блискоста на семејството Корабоски со лица од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Од Левица сметаат дека истрагата треба да ги опфати сите наводи, без оглед на функциите и семејните врски на инволвираните.
Корабоски обвинет за три кривични дела, доби 30 дена притвор за нападот врз Сара









