Предлог-законот за спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година“, поднесен во Собранието на Северна Македонија, предизвика остри реакции меѓу граѓанските организации и опозицијата поради исклучувањето на идната Фондација од Законот за јавни набавки при трошењето на милионски средства.
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата побара од Собранието на Северна Македонија итно стопирање на донесувањето на Предлог-Законот по скратена постапка.
Според Платформата, идната Фондација „Европска престолнина на културата – Скопје 2028 година“, која ќе биде основана од Град Скопје и финансирана со буџетски средства и пари од Европската Унија, мора да има статус на договорен орган кој ги применува одредбите од Законот за јавните набавки. Организациите предупредуваат дека целосното исклучување од општиот систем на јавни набавки – вклучително и за стандардни стоки, опрема и градежни работи – воспоставува опасен преседан и високи ризици од корупција. Исто така, беше упатен повик до Државната комисија за спречување на корупцијата да излезе со мислење по ова прашање.
За реализација на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година“ предвидени се 21 милион евра, при што над 95 отсто од средствата доаѓаат од државниот буџет и буџетот на Град Скопје, додека 500.000 евра се обезбедени од фондовите на Европската Унија.
Постапките за набавки треба да ги спроведува новоформираната Фондација, раководена од директорот Марјан Цветковски, кој беше именуван од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Предлог-законот предвидува набавките да се изведуваат согласно со интерни упатства донесени од Одборот на Фондацијата, формирање посебна Комисија за набавки и одлучување по приговори од страна на истиот Одбор, што отвара прашања за концентрација на управувачките и контролните овластувања во рамките на истата структура без независна жалбена заштита.
Политичката партија Левица изнесе јавни критики дека со предложеното законско решение градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и директоретот Марјан Цветковски го претвораат проектот во приватен потфат.
Од Левица посочија на нејасната правна основа за именувањето на директорот пред официјалното донесување на законот и конституирањето на органите на управување. Исто така, беа изразени сомнежи во врска со можноста за користење и инвестирање во приватен имот со јавни средства, како и отсуството на надзорни ингеренции од страна на Советот на Град Скопје. Партијата потенцираше дека ваков сериозен проект се турка по скратена постапка, без широка јавна дебата и антикорупциска проценка на регулативата.
Според текстот на предложениот закон, иако Советот на Град Скопје ја основа Фондацијата, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ги именува и разрешува членовите на Управниот и Надзорниот одбор, при што не се пропишани минимални критериуми, стандарди или транспарентна постапка за избор на раководните кадри. Критичарите напоменуваат дека објавувањето на договорите и последователните ревизии не можат целосно да ја заменат пазарната конкуренција и претходно утврдените законски контроли што ги гарантира Законот за јавните набавки.
По завршувањето на проектот, предвидено е основање на јавна установа за културен развој и наследство како правен наследник на Фондацијата, што отвора дилема зошто целата организација не е поставена низ воспоставените институционални механизми уште од самиот почеток.








