Финансиската полиција поднесе кривична пријава против Атанас Костов, зет на експремиерот Зоран Заев, поради сомнение дека со намера ја довел во стечај својата компанија. Освен Костов и неговата фирма, кривично се гони и и уште еден управител на фирма од Дојран за „намерно предизвикување стечај“.
Како што соопшти Финансиската полиција, Атанас Костов како сопственик и управител на фирмата од 2020 до 2023 година, со цел да избегне да плати долг кон компании и давачки кон УЈП, вештачки ги извлекувал парите од фирмата. Најмногу пари ѝ должел на странска фирма и над 800 илјади денари на УЈП.
Станува збор за австриската компанија „АММА“ која со години се мачи да наплати од Костов скоро пет милиони евра за измама со извоз на корнишони со пресуда на Арбитражниот суд во Виена.
„Првопријавениот A.K. во својство на сопственик и управител, како и овластен потписник на сметките на правниот субјект, во период од 2020 до 2023 година, со цел и со однапред утврдена намера да избегне плаќање на финансиски обврски кон повеќе правни субјекти, а во најголем дел кон странски правен субјект во износ од 289.617.022 денари и Управата за Јавни приходи за износ од 883.283 денари, презел противправни дејствија насочени кон намерно доведување на правниот субјект во привидна финансиска немоќ и со тоа да ја оневозможи наплатата на долговите од страна на доверителите“ – се вели во соопштението на Финансиската полиција.
Прво се обидел имотот привидно да го префрли на друга фирма, а потоа средствата ги префрлал на фирма во сопственост на неговата сопруга.
„Со цел создавање привидна правна основа за оптоварување на имотот на друштвото, првопријавениот склучил договор за закуп со друг правен субјект со кој исто така управувал. Иако договорот не бил реално реализиран, ниту сметководствено евидентиран, по неговото еднострано раскинување во 2023 година биле евидентирани пенали во износ од 233.700.000 денари, врз основа на кои бил запишан товар врз имотот на друштвото. По приговор на доверителите, Основниот граѓански суд Скопје издал времена мерка со која било стопирано извршувањето. Откако не успеал во намерата за отуѓување на недвижниот имот, првопријавениот, со помош на третопријавениот Ј.Т., презел дополнителни дејствија за предизвикување стечај на друштвото, при што биле префрлени 4.000.000 денари по основ на позајмица, средства кои претходно биле примени од правен субјект основан од сопругата на првопријавениот, по што бил поднесен предлог за отворање стечајна постапка против друштвото“ – се вели во соопштението од Финансиската полиција.
„Како австриска фирма за корнишони се заплетка во мрежата на семејството Заеви-Костови“?
Ова е дел од истражувањето на Радио Слободна Европа за случајот кој датира уште од 2023 година кое открива како австриската АММА, и покрај добиената арбитража во Виена, се соочила со пречки да наплати речиси четири милиони евра од „Дена продукт“. Сопственик е Атанас Костов, сопруг на Емилија Заева-Костова, прва братучетка на поранешниот премиер Зоран Заев.
Во 2016 година АММА договорила ексклузивен откуп на корнишони од „Дена продукт“, обезбедувајќи аванси и производствено знаење. Виенската арбитража утврдила дека македонската фирма продавала договорно опфатени корнишони и на други купувачи, вклучително на „Глобал трејд ДММ“, сопственост на Емилија Заева-Костова. На 3 јануари 2023 година била донесена одлука во корист на АММА за враќање аванси и надомест поради прекршениот договор, со камати и трошоци.
Погрешно испратени кредитни белешки во електронската комуникација ја насочиле АММА кон продажбите на германски купувач. Австријците ангажирале лиценциран приватен детектив од Скопје, кој во јули–септември 2021 година собирал докази и фотографии за продажби на други компании. Клучен сведок бил Зоран Костов, брат на Атанас, задолжен за сортирање, пакување и товарање корнишони во 2014–2021 година. Доставил испратници што ги поткрепувале продажбите. Атанас го оспорувал сведочењето поради нарушени братски односи, но арбитерот не нашол убедлив доказ дека е неточно.
Производството и вработените биле пренасочени кон фирмата на сопругата, а стаклениците ѝ биле дадени под закуп на 15 години. Паралелно, „Глобал трејд ДММ“ преку нотарски налози и извршител побарала од „Дена продукт“ два долга, вкупно над четири милиони евра, со извршување врз стаклениците. Според застапниците на АММА, тоа било координиран обид имотот да се извлече пред Австријците да наплатат. Различните судски одлуки за привремените мерки дополнително ја усложниле заштитата на имотот.
Подоцна, РСЕ во март 2024 година пишува дека „Дена продукт“ била преименувана во „Феникс аграр“, со седиште префрлено од Велес во Скопје. На 6 февруари 2024 година скопскиот Граѓански суд отворил стечај, образложувајќи дека сметката била блокирана повеќе од 45 дена. АММА станала доверител во стечајот. Велешкото обвинителство, пак, поднело обвинение против Атанас Костов, управителот на „Глобал трејд“, нотар и извршител, со тврдење дека преку фиктивни обврски се настојувало имотот да премине во фирмата на сопругата.







