Француската полиција запленила 68 килограми кокаин во товарно возило управувано од 44-годишен македонски државјанин, по добиени информации од страна на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи (МВР).
– Како резултат на успешната меѓународна полициска соработка и навремената размена на оперативни информации од страна на Бирото за јавна безбедност при МВР, на територијата на Франција, на наплатната станица Фонтен, запленети се 68 килограми кокаин, пронајдени во товарно моторно возило управувано од македонскиот државјанин М.Ф. (44). Заплената е резултат на оперативни информации обезбедени од Одделот за криминалистичка полиција, односно Единицата за недозволена трговија со дрога, кои преку Секторот за меѓународна полициска соработка и Европол биле доставени до надлежните француски органи – соопшти МВР.
Од Министерството велат дека ова е втора успешна меѓународна акција во период од еден месец, по претходната соработка со грчката полиција, која резултираше со заплена на 324 килограми марихуана.







