Врховниот суд ја укина пресудата на Апелацискиот суд Скопје со која на дел од осудените за автобуската несреќа кај Ласкарци им беа зголемени затворските казни. Предметот е вратен на повторно постапување и одлучување.
Одлуката е донесена откако Советот за казниви дела ги уважил барањата поднесени од осудените преку нивните бранители.
Со пресудата на Апелација од април 2025 година, казната за сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, беше зголемена од четири на 10 години затвор. Управителот за транспорт Ремзи Мифтари, наместо шест, доби 10 години, додека Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски од по пет беа осудени на по седум години.
Казните на возачот Маноил Трифуновски и на Јане Боваровски останаа непроменети – 14, односно пет години затвор.
Несреќата се случи на 13 февруари 2019 година, кога автобус на „Дурмо турс“ излета од автопатот кај Ласкарци на патот Скопје–Гостивар. Загинаа 16 патници, а 38 беа повредени.







