Полицијата спровела засилена акциска контрола во водите на Охридското Езеро, при што биле откриени 20 висечки рибарски мрежи, чија употреба е строго забранета, како и голема количина уловена риба.
Контролата била извршена на потегот меѓу струшките села Калишта и Радожда од страна на полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“.
Пронајдените мрежи биле со вкупна должина од околу 4.000 метри, а во нив биле заробени 872 парчиња охридска белвица, со вкупна тежина од 116,9 килограми.
По насоки на јавен обвинител, мрежите и уловот биле извадени од езерото и предадени на понатамошно постапување. За случајот бил известен и надлежниот инспекторат за рибарство.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека езерската полиција и Регионалниот центар за гранични работи „Запад“ ќе продолжат со засилени контроли во наредниот период.
Целта на акциите е откривање и санкционирање на лицата кои се занимаваат со незаконит риболов, како и спречување на натамошно загрозување на рибниот фонд во Охридското Езеро.
Акцијата била насочена кон спречување на незаконскиот риболов и заштита на рибниот фонд.








