Бензините од полноќ поскапуваат за два денари, а дизелот за еден денар по литар, одлучи Регулаторната комисија за енергетика. Со новата одлука, максималната цена на Еуросупер БС-95 ќе изнесува 93 денари, на БС-98 – 95 денари, а дизелот ќе се продава за 100 денари за литар.
Просечното зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати изнесува 1,55 проценти. Во пресметката се земени предвид движењата на референтните цени на светските берзи, каде што бензините забележале намалување од 0,79 проценти, додека дизелот поскапел за 0,41 процент.
Врз новите цени влијаело и зајакнувањето на доларот во однос на денарот, кој бележи раст од 0,44 проценти.
Во сила остануваат владините мерки за намалување на акцизите на бензините и дизелот, како и повластената стапка на ДДВ од 10 проценти за дизелот.
Цената на екстра лесното масло не се менува и останува 110 денари за литар. Мазутот, пак, поскапува за 1,3 денари и ќе чини 55,573 денари за килограм.







