Народната банка на Србија (НБС) соопшти дека ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка а.д. Београд, како и дека Агенцијата за осигурување на депозити со решение на судот ќе биде именувана за стечеен управител.
Сопственикот на банката Давор Мацура е еден од четворицата српски бизнисмени за кои е побарано воведување на американски санкции.
Извршниот одбор на Народната банка на Србија констатираше дека на одземањето на дозволата претходеа контролните активности што беа насочени кон тоа банката да го зголеми нивото на ликвидност.
Утврдено е дека во претходниот период финансиската состојба на банката значително се влошила, дека постои можност за дополнително влошување на финансиската состојба или на ликвидноста на банката и дека во врска со тоа се загрозени интересите на депонентите на банката.
Имајќи ги предвид создадените услови за одземање на дозволата за работа на банката, во согласност со Законот за банките, НБС донесе одлука да ѝ ја одземе дозволата за работа на таа банка за да ги заштити интересите на депонентите и да ја зачува стабилноста на финансискиот систем, стои во соопштението.
Обвинителството бара итна проверка на работењето на Алта банка и на можните трансфери на пари во странство
Јавното обвинителство за организиран криминал на Србија започна проверка на можниот одлив на пари од Алта банка во странство, по наводите објавени во медиумите и на друштвените мрежи, соопштија од институцијата.
Обвинителството побара од Народната банка на Србија (НБС) податоци за сите трансакции кон странство од 27 септември. НБС ги достави достапните податоци заклучно со 20 септември, додека комплетниот извештај се очекува по 4 ноември.
Истовремено, од МВР и од Службата за борба против организираниот криминал е побарана итна проверка на работењето на Алта банка, како и на постапувањето на одговорните лица во Народната банка на Србија во врска со можните трансфери на пари во странство.
Народната банка на Србија, во меѓувреме, поднесе кривична пријава против Алта банка и против повеќе одговорни лица во таа банка, а истрагата ќе ги опфати и околностите што доведоа до одземање на дозволата за нејзината работа.
НБС наведе дека штедачите на Алта банка ќе бидат навремено, во најкраток можен рок, известени кај која банка ќе можат да ги подигнат своите депозити до осигурениот износ од 50.000 евра, како и за начинот на пријавување на останатите свои побарувања и за нивната исплата.
„Наведената постапка никако не ги ослободува должниците на банката од нивните обврски, при што овие лица можат да очекуваат јасни инструкции за начинот на извршување на своите обврски кон банката по започнувањето на стечејната постапка”, наведе НБС.
Над Алта банка а.д. Београд е започната стечејна постапка, извести оваа банка, наведувајќи дека одлуката е донесена во согласност со важечките законски прописи и одлуките на надлежните регулаторни органи.
Во соопштението се истакнува дека надлежните институции и стечејните органи преземаат неопходни чекори за заштита на интересите на депонентите и на доверителите, како и за спроведување на понатамошните законски процедури предвидени со прописите на Република Србија.
Побарани санкции против четворица бизнисмени од Србија
Сопственикот на Алта група, Давор Мацура, е еден од четворицата бизнисмени од Србија, блиски до недамнешната владејачка структура во земјата, кои се најдоа на списокот со барања за воведување на американски санкции, што републиканскиот конгресмен Џо Вилсон го упати до државниот секретар Марко Рубио.

Барањето нивно да им се забрани патување во САД и користење на американскиот финансиски систем, како што се наведува во писмото во кое Радио Слободна Европа (РСЕ) имаше увид, е упатено на 14 октомври.
Вилсон му се обрати на американскиот државен секретар како копретседател на Комисијата за безбедност и соработка во Европа, позната како Хелсиншка комисија на САД.
Во тоа барање четворицата бизнисмени се означени како соработници на доскорашниот претседател на Србија Александар Вучиќ, кои користат јавни ресурси за лично збогатување.
Од Алта банка порано, на прашање на Радио Слободна Европа, ги отфрлија овие наводи нарекувајќи ги невистинити.
Во барањето за санкции за Алта банка се наведува дека е вмешана во работења што вклучуваат перење пари.
Алта банка порано во одговорот за РСЕ категорично ги отфрли сите тврдења дека Алта група, Алта банка или Давор Мацура се вмешани во перење пари, корупција, злоупотреба на јавни ресурси или мешање во изборниот процес.
„Ниеден надлежен орган во ниедна јурисдикција не донел наод ниту одлука каква што во наводите им се припишува на Алта банка, на Алта Пеј групата или на господинот Мацура”, наведено е во одговорот на портпаролот на Алта банка.







