Александар Чупиќ, кандидат на Студентската листа, е избран за претседател на Народното собрание на Србија. За него гласаа 140 пратеници, додека неговиот противкандидат од опозициската листа „Србија победува“, Стојан Раденовиќ, доби поддршка од 97 пратеници. На гласањето учествуваа вкупно 239 пратеници, од кои двајца беа воздржани, пренесува Н1.
По изборот, Чупиќ го презеде претседавањето со српскиот парламент, придружен со овации од пратениците на Студентската листа.
Новиот претседател на парламентот е доцент на Сообраќајниот факултет при Универзитетот во Белград, доктор на науки и татко на шест деца. Пошироката јавност го запозна во февруари 2025 година, кога тој и неговото семејство им обезбедија сместување на студентите кои пешачеа од Белград до Крагуевац во знак на поддршка на студентското движење.
Тогаш, во услови на ниски зимски температури, студентите останаа без најавеното сместување во спортската сала во Сопот. Чупиќ и неговата сопруга Ана, кои го водат земјоделското стопанство „Д-р Чупиќ“, им ги отстапија своите оранжерии. Според објавените информации, семејството изолирало и загреало три оранжерии со вкупна површина од речиси 2.000 квадратни метри за да им овозможи на студентите да ја поминат ноќта на топло.
Професор кој ја поддржа Студентската листа
Чупиќ предава на Сообраќајниот факултет во Белград повеќе од две децении. Неговата академска работа е поврзана со поштенскиот сообраќај, транспортните мрежи и примената на информациските технологии.
Докторатот, со наслов „Дизајнирање транспортни мрежи со примена на еволутивно пресметување: мрежа за пренос на брза пошта“, го одбранил на 25 декември 2014 година на Универзитетот во Белград, пишува Нова.рс.
Покрај академската кариера, Чупиќ се занимава и со земјоделство. Живее во Сопот, каде што со семејството води фарма. Во интервју за „Нова.рс“ претходно изјавил дека сака со личен пример да покаже дека е можно да се напушти градот, да се развие успешно земјоделско стопанство и да се одгледаат шест деца.
Вниманието на јавноста го привлече и со музичките настапи. Во октомври годинава, на собир на Студентската листа во Сурчин, отпеа преработка на традиционалната песна „Хајде Јано“, со текст посветен на поддршката на студентите. Песната брзо се прошири и стана неофицијална химна на студентското движење. Чупиќ пееше и во телевизиска емисија, каде што изведе дел од песната „Да сам ја нетко“ на сараевската група „Индекси“.
Тој претходно изјавил дека немал дилема кога студентите го поканиле да биде дел од нивната изборна листа, оценувајќи дека прифаќањето на таквата покана е преземање одговорност кон семејството и заедницата.
Како една од главните цели на студентското движење ја посочил потребата од враќање на достоинството и авторитетот на институциите, но и поширока промена на системот преку општествен дијалог и договор за идниот развој на Србија.









