Големиот пожар во близина на штипското село Селце повторно е ставен во контрола, откако порано во текот на денот повторно се разгорел и се доближил до повеќе околни викендички.
Ова го соопшти првиот човек на дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, кој објасни дека пожарот претходно бил ставен под целосна контрола, но поради високите температури и силниот ветер, карактеристичен за ова подрачје, дошло до негово повторно разгорување и губење на контролата.
Поради опасноста од понатамошно ширење на огнот биле ангажирани засилени противпожарни сили. На терен се професионални противпожарни единици од Источна Македонија, тимови на Дирекцијата за заштита и спасување и доброволни пожарникари.
Во интервенцијата се вклучени повеќе противпожарни возила од различни видови, како и БТР на Дирекцијата за заштита и спасување, кој, како што посочи Ангелов, се користи за заштита на блиските викендички.
Ангелов изрази благодарност до пожарникарите кои, како што рече, со натчовечки напори и голема пожртвуваност успеале да ја запрат линијата на огнот која предизвикувала најголема загриженост поради опасноста за викендичките.
Според него, во подрачјето покрај пресушената река Лакавица има голем број викендички, поради што приоритет на екипите било да го спречат огнот пред да стигне до објектите.
Тој посочи дека во моментов на тој дел од пожарот е воспоставена контрола, а на повеќе места се распоредени доволен број пожарникари.
Ангелов очекува до вечерва под контрола да остане најмалку делот од пожарот кој ги загрозува викендичките.









