ЕУ треба да му даде поголемо политичко и стратешко значење на процесот на проширување, особено во услови на актуелните геополитички превирања, порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во рамките на Бледскиот стратешки форум.
Говорејќи на министерската сесија посветена на геополитичките промени, безбедноста, коридорите и проширувањето на ЕУ, Муцунски оцени дека напредокот на земјите кандидати треба да биде соодветно препознаен.
Според него, доколку Европа сака да одговори на современите геополитички предизвици, процесот на проширување не може да се сведува само на административни процедури.
„Кога земјите кандидати постигнуваат напредок и се целосно усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, тој напредок мора да биде видлив“, порача Муцунски.
Тој посочи дека инфраструктурното поврзување на регионот треба да оди паралелно со политичката посветеност кон проширувањето. Според него, претходните проширувања на Унијата биле овозможени не само поради исполнување на критериумите, туку и како резултат на политичка волја и проценка дека членството на нови држави е во европски интерес.
Како можен пресврт во регионот, Муцунски го посочи сценариото во кое неколку земји од Западен Балкан би станале членки на ЕУ.
„Тоа би било доказ дека зборовите ‘моментум’ и ‘прозорец на можности’, кои ги слушаме со години, конечно се претвориле во конкретна политика“, истакна тој.
Министерот оцени и дека сигналите од Брисел во однос на новиот пристап кон проширувањето се охрабрувачки, но нагласи дека европската интеграција за Македонија треба да значи институционална и демократска трансформација, а не промена на идентитетот.
„Нашето барање е јасно – оценувајте нè според заслугите и според тоа колку сме усогласени со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија“, рече Муцунски.
Во своето обраќање тој ги спомена Словенија и Хрватска како пример дека државите во регионот можат да ги надминат историските предизвици и да изградат стабилни односи. Според него, нивното искуство може да биде дополнителен поттик за земјите од Западен Балкан да ја зајакнат меѓусебната соработка и отпорност.










