Граѓаните повеќе нема да можат да подигнуваат или да враќаат пари во готовина во финансиските друштва. Со новиот Закон за финансиски друштва се предвидува сите уплати и исплати да се вршат исклучиво преку трансакциски сметки, со што се менува досегашниот начин на работа на компаниите што нудат брзи кредити.
Законот е подготвен и поминал последно читање, а промената ја најави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Таа очекува новото решение да предизвика реакции кај финансиските друштва, бидејќи ќе мора да се откажат од готовинските трансакции.
„Не може да има исплати во готовина, уплати во готовина и тоа е нешто што верувам дека финансиските друштва бурно ќе реагираат. Мора да оди преку сметки“, изјави Димитриеска-Кочоска.
Министерката потсети и дека финансиските друштва веќе имаат законски обврски во однос на трошоците што им ги наплаќаат на клиентите. Уште во 2024 година Министерството за финансии испратило циркуларно писмо до компаниите, со кое ги предупредило да ги почитуваат одредбите од Законот за заштита на потрошувачите.
Согласно член 36 од овој закон, одредени опомени и слични дејствија што ги преземаат финансиските друштва не смеат дополнително да им се наплаќаат на граѓаните.
Со новото законско решение се најавува построга регулација на финансиските друштва и поголема контрола врз нивното работење, особено во односот со корисниците на нивните услуги.
Незаконски им наплаќале опомени за брзи кредити, 26.000 граѓани ќе си ги добијат парите назад








