Речиси половина од вкупниот бруто-домашен производ во Македонија се создава во Скопскиот Регион, кој има убедливо најголема економска тежина во државата. Наспроти него, Североисточниот Регион учествува со само 4,4 проценти во националниот БДП, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика за 2025 година.
Од вкупниот БДП од 1.105.239 милиони денари, Скопскиот Регион создава 520.919 милиони денари, односно 47,1 процент. На второ место е Пелагонискиот Регион со учество од 10,1 процент, а потоа следуваат Југозападниот со 8,7 и Југоисточниот со 8,2 проценти.
Источниот и Полошкиот Регион учествуваат со по 7,5 проценти, Вардарскиот со 6,4, додека Североисточниот е на дното со 4,4 проценти.
Разликите се уште поизразени кога се анализира БДП по жител. Просекот на ниво на државата изнесува 607.104 денари, а над него се само Скопскиот и Југоисточниот Регион. Во Скопскиот БДП по жител достигнува 855.646 денари, што е 40,9 проценти над националниот просек. Во Југоисточниот изнесува 626.006 денари.
Најнеповолна е состојбата во Североисточниот и Полошкиот Регион, каде што БДП по жител изнесува 320.882, односно 328.069 денари. Тоа претставува само 52,9 и 54 проценти од државниот просек. Под просекот се и Вардарскиот, Источниот, Југозападниот и Пелагонискиот Регион.
Слична концентрација се забележува и кај инвестициите во основни средства. Од вкупно 265.681 милион денари инвестиции во 2025 година, во Скопскиот Регион се реализирани 119.979 милиони денари, односно 45,2 проценти.
Сепак, распределбата на инвестициите не ја следи целосно структурата на БДП. Југозападниот Регион, на пример, учествува со 8,7 проценти во националниот БДП, но со 12,8 проценти во вкупните инвестиции. Слична разлика има и кај Полошкиот Регион, со 7,5 проценти учество во БДП наспроти 9,2 проценти во инвестициите.
Најголем годишен пораст на БДП во 2025 година има Југозападниот Регион, каде што е регистриран раст од 11 проценти во споредба со 2024 година. Кај инвестициите, најголема промена има во Полошкиот Регион, со пораст од 39,9 проценти.
Податоците покажуваат дека економската активност и инвестициите сè уште се нерамномерно распределени меѓу регионите. Иако некои од регионите бележат поголем годишен раст на БДП или инвестициите, Скопскиот Регион останува доминантен според вкупниот економски придонес, додека разликите во БДП по жител укажуваат на значителни економски нееднаквости во земјата









