Вработени во Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ синоќа биле затекнати при кражба на значително количество нафта од гаражите на претпријатието во Ѓорче Петров. Случајот го открила внатрешната контрола на ЈСП, по што веднаш била повикана полицијата.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека инволвираните вработени ќе бидат отстранети од работа и најави дека очекува Јавното обвинителство да отвори постапка.
„Очекувам Обвинителството да отвори постапка и секој за кого ќе се утврди одговорност да одговара пред законот“, порача Ѓорѓиевски.
Тој оцени дека станува збор за злоупотреба на јавни средства, нагласувајќи дека горивото во гаражите е платено со пари на граѓаните и е наменето за функционирање на јавниот градски превоз.
„Моја обврска е да го чувам секој ваш денар. Кој и да посегне по него, ќе биде санкциониран. Без исклучок“, порача градоначалникот.
Засега не е соопштено колку вработени биле затекнати, за колкаво количество нафта станува збор, ниту дали некој од нив е приведен. Повеќе детали се очекуваат од надлежните институции.









