Уште 21 основно училиште во земјава се планира да преминат на едносменска настава, најави министерката за образование и наука Весна Јаневска. Процесот е дел од образовната политика на Владата, а паралелно со промената на организацијата на наставата ќе се обезбедуваат и услови за целодневен престој на учениците.
„Министерството за образование и наука планира уште 21 основно училиште во земјава да преминат на едносменска настава“, изјави Јаневска.
Таа посочи дека во едно од училиштата ќе бидат отворени четири нови училници, во кои учениците од прво до трето одделение ќе ја следат наставата во една смена. За нив ќе биде организиран и целодневен престој, а со оваа промена ќе бидат опфатени околу 100 ученици.
Според податоците што ги презентираше министерката, од вкупно 1.023 основни училишта во државата, повеќе од 60 проценти веќе функционираат во една смена, целосно или делумно.









