Две финансиски друштва во наредните 30 дена нема да смеат да одобруваат нови кредити, откако Министерството за финансии утврдило неправилности во нивното работење. Покрај привремената забрана, на друштвата им се изречени и парични казни.
Мерките следуваат по вонредни контроли спроведени во изминатите три месеци, кои биле иницирани по претставки и пријави од граѓани. Од Министерството посочуваат дека токму информациите што ги доставуваат корисниците на финансиски услуги се еден од начините преку кои се откриваат можни прекршувања и ризици во работењето на овие компании.
Надзорот врз финансиските друштва се врши преку редовно следење на нивната работа, но и непосредни проверки кога за тоа ќе се појави потреба. Од институцијата најавуваат дека контролите ќе продолжат, со акцент на почитувањето на законите и заштитата на граѓаните кои земаат кредити.
Податоците на Министерството покажуваат дека од јули 2024 година досега биле одземени четири лиценци за работа на финансиски друштва, а три компании биле привремено затворени.
Во истиот период, казни добиле 18 финансиски друштва, во вкупен износ од 3.040.323 денари, односно околу 49.400 евра. Дополнително, Министерството издало 58 писмени наредби со кои од компаниите било побарано да ги отстранат утврдените неправилности во определен рок.
Од Министерството за финансии велат дека ќе продолжат со засилени контроли, со цел да се обезбеди поголема законитост и транспарентност во секторот и да се спречат практики што можат да им наштетат на корисниците на финансиски услуги.








