По долгогодишните барања и протестите на жителите на Крива Паланка, Владата донесе одлука со која ги задолжи надлежните институции да преземат конкретни активности за справување со неконтролираното движење на говедата во општината. По одлуката, најавените протести се ставени во мирување, но локалната власт предупредува дека проблемот сè уште не е решен.
Според утврдените задолженија, Агенцијата за храна и ветеринарство треба да ги залови и одземе говедата за кои постојат правосилни и извршни решенија. Агенцијата за управување со одземен имот ќе биде задолжена за нивно преземање, транспорт, сместување и згрижување.
Министерството за внатрешни работи ќе обезбедува полициска асистенција при акцијата, Центарот за управување со кризи ќе ја координира операцијата, а Дирекцијата за заштита и спасување ќе обезбеди логистичка, техничка и кадровска поддршка. Бирото за процена ќе ја утврдува вредноста на одземениот добиток.
Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, ја поздрави одлуката, оценувајќи ја како значаен чекор по две и пол години барања институциите да ја преземат одговорноста. Тој најави дека Општината ќе им даде простор на државните институции да го спроведат акцискиот план, поради што протестите засега се ставаат во мирување.
Сепак, Митовски посочи дека остануваат отворени неколку важни прашања. Сè уште нема конкретни рокови за усвојување на акцискиот план, ниту за почетокот и завршувањето на теренските активности. Дополнително, не е прецизирано како ќе се постапува со останатите говеда кои го создаваат проблемот, а за кои нема правосилни решенија за одземање. Отворено останува и прашањето за обесштетување на граѓаните кои претрпеле материјална штета.
Проблемот со неконтролираното движење на добитокот со години предизвикува штети на земјоделските насади, приватниот имот и јавните површини, како и ризици за безбедноста во сообраќајот. Според процените на локалните власти, низ градот и околните населени места се движат околу 1.000 грла добиток.
Митовски порача дека ставањето на протестите во мирување не значи откажување од барањата и дека Општината секојдневно ќе го следи исполнувањето на обврските.









