Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на собраниската надзорна расправа за случајот со Алта банка изјави дека таа го предложила Трајко Славески за гувернер на Народната банка, но дека тоа не ѝ дава право да влијае врз неговите одлуки или да ја контролира работата на централната банка.
„Правото да предложам гувернер не подразбира право да го контролирам“, порача Сиљановска-Давкова, објаснувајќи дека нејзината улога била да предложи кандидат, додека изборот го врши Собранието, а гувернерот самостојно ја извршува функцијата.
Таа потврди дека Славески бил нејзин личен и професионален избор, при што при номинацијата се водела од неговата стручност, компетентност и професионален интегритет. Предлогот за негово именување го доставила до Собранието во мај 2025 година.
На расправата пратеничката на СДСМ, Јована Мирчевска, ја праша претседателката дали врз неа имало политички притисок при изборот на Славески, алудирајќи на неговите контакти со премиерот Христијан Мицкоски во врска со случајот со Алта банка.
Случајот предизвика дополнителни политички реакции откако СДСМ поднесе интерпелација за работата на гувернерот, барајќи политичка одговорност за постапката со која на Алта банка Белград ѝ било одобрено преземањето на тогашната Стопанска банка Битола. Опозицијата поставува прашања за проверките на инвеститорот, потеклото на капиталот и процената на ризиците пред да биде дадена согласноста.
Од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлаат обвинувањата и возвраќаат дека и претходната власт имала улога во процесот на продажба на акциите. Од партијата тврдат дека СДСМ сега се обидува политички да го искористи случајот.
Надзорната расправа во Собранието продолжува со цел да се разјаснат околностите за воведувањето администрација во Алта банка, постапувањето на Народната банка и одговорноста на институциите. Во меѓувреме, се подготвува продажба на 95,336 проценти од акциите на банката, а првата аукција е закажана за 30 ноември.









