Коалицијата ВЛЕН му возврати на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по неговото отворено писмо до министерот за правда Јетон Шасивари, во кое побара правосудниот испит и другите државни стручни испити да се полагаат на албански јазик. Од ВЛЕН велат дека писмото е „пропаганден памфлет“ чија цел е да се зголеми конфузијата и да се продлабочат поделбите меѓу граѓаните.
Од коалицијата посочуваат дека ДУИ имала можност со години да го реши прашањето, но и покрај донесувањето на три закони поврзани со употребата на албанскиот јазик, проблемот со полагањето на правосудниот испит останал отворен.
ВЛЕН ја критикува претходната власт дека не обезбедила соодветно решение, иако со години раководела со Министерството за правда. Во реакцијата се наведува дека наместо да се понуди квалитетно законско решение, министрите од ДУИ „играле фудбал“, оставајќи го проблемот да го решаваат нивните наследници.
Реакцијата следува откако Ахмети во отворено писмо тврдеше дека Законот за употреба на јазиците веќе го гарантира правото на полагање на правосудниот испит на албански јазик. Тој го оспори предлогот според кој теоретскиот дел би се полагал на албански, а практичниот на македонски, оценувајќи дека тоа би претставувало ограничување на стекнатите јазични права.
Министерот за правда Јетон Шасивари, пак, претходно одговори дека прашањето со години не било решено и дека осум министри за правда од редовите на ДУИ имале можност да го направат тоа. Тој најави дека ќе биде побарано мислење од Венецијанската комисија за предложениот модел, со цел да се најде правно одржливо решение.









