Компаниите кои имаат сметки во Алта банка од денеска можат без ограничување да располагаат со новите средства што ќе им пристигнуваат од платежни сметки во други банки и кај други даватели на платежни услуги.
Олеснувањето е дел од мерките на Народната банка за постепено нормализирање на работењето со клиентите на Алта банка, која од 1 ноември е под привремена администрација поради проблемите со нејзината матична банка во Србија.
Со измените се овозможува и исплата на плати, даноци и придонеси за компаниите кои во последните три месеци редовно исплаќале плати преку Алта банка. За оваа намена може да се користат средства до пет проценти повисоки од вкупниот износ на исплатените плати во октомври.
И физичките лица можат во целост да ги користат новите приливи на сметките во банката, доколку парите доаѓаат од платежни сметки во други банки или кај други даватели на платежни услуги.
Сепак, ограничувањата за претходно расположливите средства остануваат во сила. За клиентите со платежни картички важи неделен лимит од 15.000 денари, додека за оние без картички е предвидена можност за повлекување до 20.000 денари во период од две недели.
Народната банка соопшти дека продолжува внимателно да ја следи состојбата и да ги приспособува мерките со цел клиентите полесно да располагаат со своите средства и да ги извршуваат секојдневните финансиски обврски.









