Возрасните пушачи во Македонија во просек издвојуваат околу 600 евра годишно за цигари, сума што е повисока од просечниот годишен придонес за здравствено осигурување на еден вработен, кој изнесува околу 500 евра.
Истовремено, секој втор возрасен граѓанин пуши, покажува националното истражување на „Аналитика“ за 2026 година, спроведено во соработка со Светската здравствена организација.
Анкетата, во која учествувале 1.065 возрасни лица, покажува дека 50 проценти од возрасните пушат цигари, додека секојдневното пушење се зголемило од 43 на 48,1 процент. Доколку се вклучат и новите никотински и тутунски производи, распространетоста на употребата достигнува 54 проценти.
Загрижувачки се и податоците за младите, дури 17 проценти од малолетниците користат класични цигари или производи со загреан тутун. Речиси една четвртина од возрасните пушачи консумираат повеќе од 20 цигари дневно, а околу 40 проценти пушат од 10 до 20 цигари.
Министерот за здравство Сашо Клековски посочи дека просечниот годишен трошок за цигари изнесува околу 600 евра, додека претставничката на „Аналитика“, Тамара Мијовиќ Спасова, предупреди дека голем дел од пушачите имаат интензивна дневна потрошувачка. Според истражувањето, цигарите станале за 17,3 проценти подостапни во однос на просечната плата, бидејќи нивните цени растеле побавно од платите.
И покрај ваквите показатели, новиот Закон за заштита од пушење сè уште не е усвоен во Собранието. Предложените измени предвидуваат построги ограничувања за пушење во јавни и полујавни простори, како и забрана во приватни возила кога во нив се превезуваат деца.
На националната конференција посветена на намалувањето на штетите од пушењето, претставниците на СЗО повикаа на посилни мерки за ограничување на употребата на тутун, особено кај младите.









