Министерството за внатрешни работи упати апел до родителите, старателите, наставниците и пошироката јавност да бидат особено внимателни поради појавата на онлајн-мрежата „764“, чии членови таргетираат деца и малолетници, ги манипулираат и ги принудуваат на опасни и насилни активности.
Групата дејствува преку социјалните мрежи, апликациите за комуникација и платформите за онлајн-игри, меѓу кои Discord, Telegram, Roblox, Instagram, TikTok, Snapchat, Reddit, X, Minecraft и Fortnite.
Според предупредувањето на МВР, членовите најчесто се претставуваат како врсници или лица заинтересирани за пријателство и емотивна врска. Откако ќе ја стекнат довербата на децата, започнуваат со манипулации, закани и уцени, барајќи од нив интимни фотографии и видеоснимки. Материјалите потоа ги користат за дополнителна контрола и принудување на жртвите да се самоповредуваат, да вршат насилство врз други лица или животни, па дури и да преземаат постапки опасни по животот.
МВР ги повикува родителите да обрнат внимание на ненадејни промени во однесувањето на децата, повлекување, страв, вознемиреност, зголемена таинственост при користење телефон или компјутер, како и интензивна комуникација со непознати лица преку интернет. Дополнителни предупредувачки знаци може да бидат заканувачки пораки, уцени, необјаснети повреди и знаци на самоповредување.
Од Министерството нагласуваат дека овие промени не значат нужно дека детето е жртва на ваква група, но не треба да се игнорираат. Родителите треба отворено да разговараат со децата за нивните активности на интернет и да ги советуваат да не споделуваат лични податоци, лозинки, интимни фотографии или видеа со непознати лица.
Доколку постои сомнеж за активности поврзани со групата „764“ или слични онлајн-заедници, случаите треба да се пријават во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, на електронската адреса cybercrime@moi.gov.mk. Полицијата советува да се зачуваат пораките, корисничките имиња и линковите што можат да помогнат во истрагата, но да не се преземаат или споделуваат експлицитни материјали во кои се прикажани малолетници.
За опасноста од мрежата „764“ претходно предупредувале и меѓународни безбедносни институции, вклучително и американското Федерално истражно биро (ФБИ).









