Иран ги прошири воените дејствија во регионот на Персискиот Залив, откако неговата армија соопшти дека извршила напад врз американски воени инсталации во Кувајт. Во исто време, Бахреин објави дека пресретнал повеќе воздушни напади, додека во Саудиска Арабија биле соборени ракети истрелани од јеменските Хути.
Иранската армија соопшти дека цел на нападот била воздухопловната база Али ал-Салем во Кувајт, каде што се наоѓаат американски воени капацитети, вклучително и системи за беспилотни летала и ракетни инсталации. Кувајтската војска претходно информираше дека нејзината противвоздушна одбрана дејствувала против непријателски дронови, но засега не пријави материјална штета или жртви.
Бахреин, кој е домаќин на Петтата флота на американската морнарица, соопшти дека неговата противвоздушна одбрана пресретнала ирански воздушни напади. Министерството за внатрешни работи претходно испратило предупредувања до граѓаните да побараат засолниште, а подоцна ја укинало опасноста. Властите го обвинија Техеран за продолжување на, како што ја нарекоа, систематската непријателска политика кон земјата.
Во Саудиска Арабија, пак, коалицијата предводена од Ријад соопшти дека пресретнала и уништила две крстосувачки ракети истрелани од јеменските Хути кон главниот град. Хутите се сојузници на Иран, но засега нема потврда дека нападот врз Саудиска Арабија бил директно извршен од иранските сили.
Новата ескалација следува по американскиот напад врз локација за лансирање ракети на иранскиот остров Кешм, во Ормускиот Теснец. Американски воен претставник изјави дека нападот бил одговор на претходните ирански дејствија против американски персонал и воени капацитети. Иранските медиуми, повикувајќи се на официјален претставник, објавија дека американскиот напад не предизвикал штета на инфраструктурата.
Во меѓувреме, продолжуваат дипломатските напори за запирање на конфликтот, кој започна на 28 февруари со американски и израелски напади врз Иран. Сепак, новите напади врз воени објекти и поморскиот сообраќај во регионот ги зголемуваат ризиците од поширока конфронтација и дополнително го загрозуваат снабдувањето со енергенси.









