Новиот состав на Собранието на Србија денеска ја одржува конститутивната седница, по изборната победа на Студентската листа, која освои 140 од вкупно 250 пратенички места. Нејзините претставници пристигнаа во парламентот во придружба на граѓани, кои ги пречекаа со аплаузи, извици и песна.
Кандидатите на студентската листа претходно се собраа во Пионирскиот парк, од каде во колона се упатија кон собраниската зграда. Граѓаните ги поздравуваа со извици „Пумпај“ и „Победа“, а пред влезот беше испеана и песната „Ајде граде (Србија се буди)“, која стана препознатлива за време на изборната кампања. Претставниците на листата пристигнаа и со погача.
Истовремено, пристигнувањето на пратениците од листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ беше проследено со свирежи и негодување. Пред влезот актерката Лидија Вукиќевиќ, избрана за пратеничка од листата на Српската напредна партија, беше полиена со јогурт по главата од непознато лице. Таа се избриша со марамче, а потоа влезе во Собранието.
Според конечните изборни резултати, листата на Вучиќ освои 103 мандати, додека преостанатите седум им припаднаа на претставници на малцинските листи.
На дневен ред на конститутивната седница се шест точки: потврдување на пратеничките мандати, избор на претседател и потпретседатели на Собранието, именување генерален секретар, како и избор на членови на собраниските работни тела и постојаните парламентарни делегации.
Со конституирањето на парламентот започнува да тече рокот од 90 дена за формирање нова влада. Доколку во тој период не биде избрана, ќе следуваат нови парламентарни избори.









