Претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ, остро реагираше на прилогот на Радио-телевизија Србија (РТС), во кој беа пренесени тврдењата на поранешната белгиска амбасадорка во Белград, Дениз де Хауер, дека Европската Унија извршила притисок врз Александар Вучиќ во изборната ноќ да ги повлече безбедносните сили од Пионирскиот парк.
Де Хауер во интервју за телевизијата „Инсајдер“ изјави дека ЕУ не била само набљудувач на случувањата во Србија за време на изборите на 25 октомври, кога околу претседателството и Републичката изборна комисија биле распоредени голем број припадници на безбедносните сили.
Според неа, Брисел извршил притисок врз Вучиќ за да спречи ескалација што можела да заврши со граѓанска војна. Таа оцени дека Унијата внимателно ја следела ситуацијата и дека сега е важно да се зачува политичката стабилност и да се спроведат институционални реформи, без одмазда кон политичките противници.
Брнабиќ, пак, преку објава на социјалната мрежа Икс ги отфрли овие наводи, обвинувајќи го јавниот сервис дека шири лаги и создава атмосфера за евентуално апсење на Вучиќ.
„Дали ви наредија да го направите ова како подготовка за наративот за апсењето на Александар Вучиќ?“, напиша таа, оценувајќи го известувањето на РТС како опасно.
Де Хауер: Вучиќ ги повлече силите од Пионерскиот парк во изборната ноќ под притисок на ЕУ
Брнабиќ тврди дека Вучиќ не добил никакви повици или инструкции од странски претставници и дека во изборната ноќ била со него во партиското седиште. Според неа, тој две години работел на зачувување на мирот и однапред ветил дека ќе ги признае изборните резултати.
Поранешната белгиска амбасадорка, од друга страна, оцени дека ЕУ со години давала предност на стабилноста во регионот пред проблемите со демократијата и функционирањето на институциите во Србија. Таа смета дека блиските врски на Српската напредна партија со Европската народна партија придонеле за поволниот однос кон Вучиќ, но и дека Брисел постепено го менувал пристапот кон Белград.









