Компанијата „АЛСтоун“, во сопственост на Дубравко Мацура, брат на сопственикот на Алта банка, Давор Мацура, купила луксузна вила во белградската населба Дедиње со кредит од три милиони евра од истата банка, објави БИРН. Кредитот бил одобрен во јули годинава, само неколку месеци пред Алта банка да ја изгуби лиценцата и да заврши во стечај.
Станува збор за недвижен имот на парцела од 1.154 квадратни метри, на која има станбена зграда и базен. Купопродажбата била договорена за околу три милиони евра, а како обезбедување за кредитот во септември била регистрирана хипотека врз имотот.
Иако во моментот на одобрување на кредитот Давор Мацура веќе не бил сопственик ниту директор на „АЛСтоун“, српскиот Закон за банки ги третира браќата и компаниите под нивна контрола како поврзани лица. За кредитирање на такви субјекти е потребно претходно писмено одобрение од одборот на директори, освен во одредени законски исклучоци. БИРН побарал од Народната банка на Србија и Агенцијата за осигурување на депозити да потврдат дали во овој случај биле испочитувани правилата, но до објавувањето на текстот не добил одговор.
Според финансискиот извештај на Алта банка за 2025 година, банката имала речиси 11 милијарди динари, односно околу 94 милиони евра кредити одобрени на сопственикот, членовите на менаџментот и други поврзани компании. Тоа претставувало околу 14,5 проценти од вкупните нето-кредити и побарувања на банката. Во текот на 2025 година овие пласмани пораснале за речиси 72 проценти.
Алта банка ја загуби лиценцата на крајот на октомври, откако Народната банка на Србија утврди значително влошување на нејзината финансиска состојба. На 3 ноември беше отворена стечајна постапка, а должниците беа известени дека мора да продолжат со отплатата на кредитите.
Давор Мацура беше уапсен на 2 ноември, заедно со уште двајца вработени во банката. Обвинителството за организиран криминал соопшти дека постојат сомневања оти со нивна помош од банката биле изнесени околу 45 милијарди динари, или приближно 380 милиони евра.
БИРН посочува дека останува нејасно дали кредитот за „АЛСтоун“, како и другите пласмани кон поврзани компании, биле одобрени и контролирани во согласност со законот. Адвокатот на Мацура изјавил дека истрагата е во почетна фаза и дека сè уште нема пристап до целосната документација.









