Унгарската влада ќе го олесни пристапот до итна контрацепција, ќе го укине спорното правило за абортус и ќе ја ратификува Истанбулската конвенција за спречување насилство врз жените. Реформите се дел од поширок пакет мерки за зајакнување на правата и заштитата на жените, што го најави премиерот Петер Маѓар.
Маѓар, кој во април стави крај на 16-годишното владеење на Виктор Орбан, најави измени на Кривичниот законик со кои ќе се зајакне заштитата на жените од насилство. Меѓу мерките се предвидуваат построги правила за заштита на жртвите, вклучително и наредби за забрана на приближување, како и криминализирање на злоупотребата на интимни снимки, пренесува Индекс.
Жртвите на семејно насилство ќе добијат посебен третман во текот на кривичните постапки, а Маѓар нагласи дека сексуалните односи мора да се засноваат на доброволна согласност.
Една од најавените промени се однесува на пристапот до итна контрацепција, за која повеќе нема да биде потребен лекарски рецепт. Владата најавува и мерки за справување со менструалната сиромаштија.
Ќе биде изменета и регулативата од 2022 година, воведена за време на владата на Орбан, според која жените што сакаат да абортираат мора да добијат лекарско уверение дека им биле презентирани знаци на живот на фетусот. Во практиката, ова подразбираше обврска да го слушнат отчукувањето на срцето пред постапката.
Правилото предизвика критики од лекарите и организациите за правата на жените, кои го оценија како понижувачко и дополнително трауматизирачко за жените во тешки животни околности.
Маѓар изјави дека мерката не довела до намалување на бројот на абортуси, туку отворила сериозни биоетички прашања и предизвикала дополнителна траума кај жените.
Со ратификацијата на Истанбулската конвенција, Унгарија ќе преземе меѓународни обврски за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство. Конвенцијата, меѓу другото, предвидува криминализирање на силувањето врз основа на отсуство на согласност.









