Европски претставници ќе учествуваат во следната рунда преговори за завршување на војната во Украина, изјави американскиот специјален пратеник Стив Виткоф по средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Москва.
Информацијата ја потврди и Џаред Кушнер, кој заедно со Виткоф потоа се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Европејците ќе се приклучат на следната средба. Тоа го сметаме за многу важен момент, бидејќи тие се наши партнери и важно е да учествуваат“, изјави Виткоф.
Зеленски ја поздрави најавата, оценувајќи дека без учество на Европа не може да се постигне договор за завршување на конфликтот. Тој посочи дека се подготвува нова рунда разговори по неодамнешните средби меѓу руската, украинската и американската делегација во Абу Даби, на кои не беше постигнат пробив за клучните спорни прашања.
Путин, од своја страна, порача дека Русија никогаш не била против дијалог со Европа, но ја обвини дека самата ги прекинала контактите со Москва. Тој ги повика САД да утврдат дали европските сојузници навистина сакаат мир или продолжување на војната.

Рускиот претседател упати и предупредување дека евентуалното распоредување европски или други западни војници во Украина по постигнување мировен договор Москва би го сметала за закана. Според него, таквиот потег би можел веднаш да доведе до продолжување на воените дејствија.
Иако Виткоф соопшти дека Путин се согласил на европско учество, од Кремљ засега нема недвосмислена потврда за договорените детали. Советникот на Путин, Јуриј Ушаков, порача дека европските земји прво треба да ја преиспитаат својата политика кон Русија и воената поддршка за Украина.
По средбите во Москва и Даблин, американските претставници најавија напредок во подготовката на нови преговори. Кушнер посочи и дека се работи на голема размена на воени заробеници меѓу Русија и Украина, која би можела да овозможи илјадници луѓе да се вратат кај своите семејства.
Сепак, територијалните прашања, безбедносните гаранции за Украина и идната безбедносна архитектура на Европа остануваат главни пречки за постигнување конечен договор. Засега не е објавен датумот ниту составот на следната рунда преговори.









