Прашањето на кој јазик ќе се полага правосудниот испит стана нова точка на судир во владината коалиција, откако лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, јавно постави услов дека партијата ќе ја напушти Владата доколку биде прифатено полагање на испитот на друг јазик освен македонскиот. Она што првично беше прашање на законско толкување и барање на студентите и факултетите за проширување на јазичните можности, сега добива сè поизразена политичка димензија, со спротивставени пораки од партнерите во власта.
Димитриевски во интервју за „Сител“ не остави многу простор за толкување на позицијата на ЗНАМ. Тој порача дека партијата нема да прифати правосудниот испит да се полага на друг јазик и дека, доколку Владата донесе поинаква одлука, ЗНАМ е подготвено да ја напушти коалицијата. Истовремено, најави дека на следната средба со премиерот Христијан Мицкоски ќе побара лидерска средба на која би се дефинирале позициите и црвените линии на владините партнери.
Со тоа, Димитриевски не само што го повтори ставот на својата партија, туку прашањето за правосудниот испит го постави како тема за која очекува политички договор на највисоко ниво во коалицијата. Според него, станува збор за прашање што ги надминува рамките на самото полагање и има пошироки последици врз функционирањето на правосудниот систем и државното уредување.
Дополнително, тој ги поврза барањата за употреба на албанскиот јазик во правосудниот испит со политички тенденции за промена на карактерот на државата, повикувајќи се на појави и изјави за поголемо политичко и етничко поврзување на локалните заедници. Особено внимание предизвика неговата оценка дека станува збор за барања на „мала група граѓани“, формулација што предизвика остри реакции од албанските политички претставници.
Реакции од албанскиот политички блок
Изјавите на лидерот на ЗНАМ предизвикаа реакции од пратеници и политички претставници од албанскиот политички блок, кои ги оценија како навредливи и спротивни на принципот на рамноправност.
Пратеникот на Алијансата за Албанците, Ријад Шаќири, порача дека Албанците не се гости во државата и дека албанскиот јазик не е привилегија, туку право. Во реакцијата упати и директна политичка порака до Димитриевски, посочувајќи дека доколку не му се допаѓа реалноста, Врање е блиску.
Пратеничката на Албанска лига, Илире Даути, се осврна на оценката дека Албанците се мала група граѓани, посочувајќи дека нивното учество во населението не дозволува така да се третира нивната застапеност. Таа го повика Димитриевски да биде внимателен кога зборува за Албанците и за употребата на нивниот јазик.
Реакции имаше и од Националната алијанса за интеграција (НАИ), чии претставници најавија бојкот на свечената седница по повод Денот на Куманово. Тие порачаа дека не сакаат да учествуваат во настани во кои, според нив, нема доволно почитување на Албанците, албанскиот јазик и рамноправноста во мултиетничката општина.
Особено значајна е реакцијата на Аднан Азизи од владејачката Вреди, која директно ја доведе во прашање политичката тежина на ЗНАМ и најави дека ставовите на партијата на Димитриевски нема да го спречат остварувањето на барањата за полагање на правосудниот испит на албански јазик.
„Испитот за правосудство ќе се полага на албански јазик, сакало или не ЗНАМ. Затоа што за правата на Албанците одлучува Вреди, а не ЗНАМ“, порача Азизи.
Ваквата реакција покажува дека несогласувањето веќе не се води само околу содржината на предлогот на Министерството за правда, туку и околу политичкото влијание на партнерите во Владата и нивната способност да ги наметнат своите позиции.
Филков ја брани позицијата на ЗНАМ, но чека конкретно решение
Во одбраната на партискиот став се вклучи и поранешниот министер за правда и претседавач на Централниот одбор на ЗНАМ, Игор Филков, кој повтори дека правосудниот испит треба да се полага само на македонски јазик.
Филков смета дека актуелниот Устав и законите не овозможуваат полагање на испитот на друг јазик, а предлогот на неговиот наследник Јетон Шасивари го оцени како хибридно решение. Тој рече дека за предлогот дознал од медиумите и дека прво треба да се види конкретниот текст, па потоа да се разговара за неговата правна оправданост.
Според него, прашањето не е дали некој лично поддржува или се противи на предложениот модел, туку што дозволуваат Уставот и законите. Филков нагласи дека идните судии, обвинители и адвокати треба да го користат македонскиот јазик во институциите во кои ќе ја извршуваат професијата.
Со ова ЗНАМ останува на позицијата што ја застапуваше и додека Филков беше министер за правда, а партијата очигледно не планира да отстапи од неа ниту по реакциите на коалициските партнери.
Филков: ЗНАМ останува на ставот за правосуден испит само на македонски јазик
Мицкоски најавува комбиниран модел, но не одговара на заканата на Димитриевски
Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски не сакаше директно да ја коментира најавата на Димитриевски дека ЗНАМ ќе ја напушти Владата доколку биде прифатено полагање на правосудниот испит и на албански јазик.
Наместо да се впушти во расправа со лидерот на владиниот партнер, Мицкоски повтори дека решението што се очекува да влезе во владина процедура ќе биде комбиниран модел, односно испитот ќе се состои од два дела.
– Оној дел од правосудниот испит каде што се симулира судски процес – дел од кривична и граѓанска постапка, ќе биде на франка лингва, на македонски јазик. Со тоа уште еднаш се потврдува дека правосудниот систем мора да биде по принципот на франка лингва, а тоа е на македонскиот јазик, бидејќи тоа е поврзано со владеењето на правото, а не со друго право или други политиканства коишто се поврзани со тоа. Така што јас во таа наскоа ги коментирам сите случувања и тоа е наш став од самиот почеток како Влада и тука немаме ние никакви поместувања – рече тој.
Предлогот на министерот за правда Јетон Шасивари предвидува усниот дел од правосудниот испит да се полага на македонски јазик, а писмениот на јазикот на кој кандидатите ги завршиле студиите. Со ваквото решение Министерството се обидува да најде компромис меѓу барањата на студентите и факултетите и потребата од познавање на македонскиот јазик во правосудниот систем.
Сепак, предлогот досега не наиде на согласност кај сите засегнати страни. Пет факултети бараат можност за полагање на правосудниот испит на албански, турски и англиски јазик, додека студентите и факултетите со настава на други јазици не го прифатија предложениот модел и најавија дека се подготвени повторно да протестираат доколку нивните барања не бидат исполнети.
Шасивари претходно соопшти дека сака преку дијалог со студентите и факултетите да се дојде до правно издржано решение, усогласено со европските стандарди. За предложените измени побарал и мислење од Венецијанската комисија, со цел да се обезбедат дополнителна правна сигурност и усогласеност со европските стандарди.









