Основниот суд во Кочани го одби како неосновано барањето на Ива Михаилова, која избега во Бугарија, да учествува на денешното судско рочиште преку видеоконференциска врска.
Михаилова претходно во изјава за бугарската национална телевизија БНТ информираше дека нејзиниот адвокат доставил барање до судот да ѝ биде овозможено учество на расправата од далечина.
Обвинителот Игорчо Крстов се спротивставил на барањето, оценувајќи дека обвинетата може лично да се појави во судницата, како што тоа го правела и на претходните рочишта. Тој посочил дека Михаилова не ги почитувала мерките за обезбедување на нејзиното присуство и дека со свесното и намерно заминување во Бугарија самата придонела постапката да продолжи без нејзино присуство.
По изнесеното мислење на обвинителството, судот го одбил барањето како неосновано.
Против Михаилова во Основниот суд во Кочани се води судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици, во која загина 33-годишниот Бесим Дурмиши од Љуботен. По нејзиното заминување во Бугарија, по неа е распишана меѓународна потерница.
Михаилова во претходно гостување во поткаст кај бугарскиот новинар Мартин Карбовски изјави дека нема да се врати во Македонија, обвинувајќи ги институциите за притисоци и дискриминација поради нејзиното изјаснување како Бугарка. Таа изнесе и низа обвинувања на сметка на обвинителот во предметот, тврдејќи дека преку посредник ѝ биле барани пари за поблага пресуда.









