По 30 години работа во Младинскиот културен центар (МКЦ), Русе Арсов поднесе оставка од институцијата во која работеше како продуцент и раководител на драмската програма, а беше и нејзин директор од 2018 до декември 2021 година. Неговото заминување доаѓа во период кога МКЦ се соочува со сериозни организациски, финансиски и инфраструктурни проблеми, а тој во својата објава на социјалните мрежи упати остри критики за насоката во која се движи институцијата.
Арсов соопшти дека оставката ја поднел на 2 ноември, опишувајќи ја одлуката како разделба со нешто на кое му посветил голем дел од животот.
„По 30 години решив да се разведам од мојата најголема љубов, МКЦ“, напиша тој, посочувајќи дека заминувањето му паѓа особено тешко бидејќи се случува непосредно пред почетокот на 51. издание на фестивалот „Млад отворен театар“ (МОТ), чиј извршен директор е тој.
Во својата објава Арсов оцени дека МКЦ во изминатите години изгубил голем дел од она што го правело препознатлива регионална културна институција. Според него, се изгубиле публиката, новите генерации посетители, идентитетот и луѓето кои ја граделе програмата.
„Во последниве години изгубивме многу. Изгубивме надеж, публика, генерации нови деца, идентитет, луѓе, мисла. Од водечка регионална културна установа се сведовме на месен дом на култура“, напиша Арсов.
Тој нагласи дека вработените не престанале да се борат за институцијата, туку дека нивната цел била да создаваат, да работат и да придонесуваат за културниот живот на Скопје. Притоа упати критики кон партиските влијанија и практиките на заобиколување на законите.
„Не го познаваме јазикот на партиските логики и политиките на заобиколување на правото и законите. Еве, признаваме дека тоа не го знаеме“, наведува Арсов во пораката.
Тој се осврна и на колегите кои остануваат во МКЦ, посочувајќи дека тие сакаат да ги покажат своите способности и да продолжат со работата, но дека тој одлучил повеќе да не биде дел од таа приказна.
Заминувањето на Арсов доаѓа по период на сериозно влошување на условите за работа во МКЦ. Институцијата во изминатите месеци се соочуваше со проблеми со греењето, непогодни санитарни услови за посетителите, како и долгови кон добавувачи и организатори на настани.
Грејната сезона започна на 15 октомври, но МКЦ не можеше да обезбеди функционално централно греење поради дефект на системот. За поправката беше потребна замена на вентил во вредност од околу 300.000 денари, средства кои институцијата, според информациите од вработените, не можела самостојно да ги обезбеди. Посетителите на дел од културните настани биле принудени да ги следат програмите облечени во зимски јакни.
Проблемите се одразиле и врз културната понуда. Во текот на годинава програмата била значително намалена, со неколку концерти и фестивалот „Здраво млади“, додека во институцијата се одржувале и филмски и други културни настани.
Дополнителна слика за падот на активностите даваат податоците за посетеноста. Според објавените информации, во 2019 година МКЦ реализирал 666 настани со вкупно 113.285 посетители, додека во 2025 година бројот на посетители изнесувал 23.045.
Арсов беше директор на МКЦ од 2018 до крајот на 2021 година, по што продолжи да работи во институцијата. Неговото заминување повторно ја отвори дебатата за кадровската политика, управувањето и иднината на една од најзначајните културни институции во Скопје.
Неговата порака, освен лична разделба по три децении работа, претставува и предупредување за состојбата во институцијата, која според него ја губи публиката, континуитетот и културниот идентитет што ја направија препознатлива во регионот.









