Поранешниот началник на Генералштабот на израелската армија и лидер на центристичката партија Јашар, Гади Ајзенкот, доби мандат од претседателот на Израел, Исак Херцог, за формирање нова влада. Иако неговиот политички блок нема обезбедено парламентарно мнозинство, поддршката од најголем дел од опозициските партии му ја отвори можноста да се обиде да го замени долгогодишниот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Одлуката на Херцог доаѓа по парламентарните избори од 27 октомври, на кои ниту еден политички блок не освои доволно места за самостојно формирање влада. Иако Ликуд на Нетанјаху остана најголемата партија со 27 пратенички места, Ајзенкот доби поддршка од 67 пратеници, наспроти 46-те што го поддржаа актуелниот премиер. Седум пратеници не предложија кандидат.
„Очигледно е дека господинот Ајзенкот ја доби јасната и недвосмислена поддршка од мнозинството членови на Кнесетот за прашањето кој има поголеми шанси да формира влада што ќе ја добие довербата на парламентот“, порача Херцог при доделувањето на мандатот.
Ајзенкот сега има 28 дена да состави влада, со можност претседателот да му го продолжи рокот за дополнителни 14 дена. Тој најави дека ќе се обиде да формира влада на национален спас, повикувајќи ги парламентарните партии да ги надминат меѓусебните разлики.
„Израел се наоѓа во предизвикувачка и судбоносна вонредна состојба. Потребно ни е ново раководство на кое граѓаните ќе можат да му веруваат“, порача Ајзенкот, оценувајќи дека земјата се соочува со еден од најчувствителните политички моменти во својата историја.
Тој најави дека за формирање на владата ќе бидат потребни „креативни и невообичаени политички чекори“, додавајќи дека Израел нема простор за губење време и нови бесконечни изборни циклуси.
Најголемата пречка за Ајзенкот е обезбедувањето стабилно парламентарно мнозинство. Неговиот политички блок располага со 48 места, додека двете арапски партии имаат вкупно 19 пратеници и ја поддржаа неговата кандидатура. Сепак, дел од потенцијалните коалициски партнери се против формирање влада која би зависела од поддршката на арапските партии.
Како можна алтернатива се разгледува и соработка со ултраортодоксните партии, кои располагаат со вкупно 14 пратенички места. Но, таквиот договор би можел да предизвика несогласувања околу задолжителното служење војска за ултраортодоксните мажи, прашање кое Ајзенкот и неговите сојузници го сметаат за едно од клучните.
Не е исклучена ниту можноста за влада на национално единство, во која би учествувале и дел од пратениците на Ликуд, иако Ајзенкот во предизборната кампања најавуваше дека сака да стави крај на владеењето на Нетанјаху.
Израелскиот претседател повика на надминување на политичките поделби и формирање стабилна влада која ќе може да одговори на безбедносните, економските и дипломатските предизвици.
Доколку Ајзенкот не успее да обезбеди мнозинство во предвидениот рок, можност за формирање влада би можел да добие и Нетанјаху. Ако пропаднат и следните обиди за составување кабинет, Израел би можел да се соочи со нови предвремени парламентарни избори.









