Ива Михаилова во гостување во поткаст кај бугарскиот новинар Мартин Карбовски го обвини обвинителот во постапката против неа дека преку трето лице ѝ барал пари за полесна пресуда и избегнување затвор. Во истиот разговор тврдеше дека премиерот Христијан Мицкоски лично финансира 90 насто од македонските медиуми за ширење омраза кон Бугарите и Бугарија. Станува збор за нејзини тврдења изнесени во интервјуто.
Михаилова рече дека односот на институциите кон неа се променил откако се изјаснила како Бугарка. Постапката ја опиша како „инквизициски процес“, обвинителот го нарече „бугарофоб“, а за своето останување во Македонија тврдеше дека било незаконско.
Таа изнесе и своја верзија за сообраќајната несреќа. Тврдеше дека ја предизвикале мајстори кои, според неа, ја реновирале вилата на министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски. Рече и дека на местото на несреќата дошол полициски началник кој ги избркал очевидците.
За условите во судницата, Михаилова тврдеше дека рочиштата намерно се одржувале во мала сала без проветрување. Според нејзиното кажување, судијата ги затворал прозорците, а присутните со часови останувале без свеж воздух.
На Ива Михаилова ќе ѝ се суди во отсуство, судскиот процес продолжува и без неа
Во разговорот зборуваше и за наводно следење од македонските служби. Нејзиниот адвокат Николај Димитров ја обвини Македонија за ширење антибугарска хистерија, а во гостувањето беше изнесено и тврдење дека земјата е под влијание на „српскиот свет“.
Михаилова рече дека ѝ е потребно продолжено лекување во бугарски и странски болници, тврдејќи дека во Македонија нема соодветни специјалисти за нејзината состојба. Порача дека нема да се врати во земјата, наведувајќи дека била изложена на притисоци и дискриминација откако се изјаснила како Бугарка.









