Поранешниот министер за правда и претседавач на Централниот одбор на ЗНАМ, Игор Филков, изјави дека партијата не отстапува од ставот оти правосудниот испит треба да се полага само на македонски јазик. Според него, Уставот и важечките закони во моментов не овозможуваат полагање на друг јазик, а за предлогот на неговиот наследник Јетон Шасивари, кој го нарече „хибридно решение“, дознал од медиумите.
„Во моментов нема можност за полагање на друг јазик според Уставот и законите на Република Македонија. Да почекаме да се изнајде решение, да го видиме, потоа ќе разговараме“, изјави Филков на прес-конференција.
Тој рече дека ЗНАМ ќе остане доследно на позицијата што ја застапувал и додека бил министер за правда.
Филков нагласи дека прашањето не е дали тој лично е „за“ или „против“ предложеното решение, туку што дозволуваат Уставот и законите. За него е загрижувачко тоа што предлогот бил одбиен од оние што бараат испитот да го полагаат на друг јазик.
„Јас не се противам никој да полага на оној јазик кој што е овозможен согласно законите и Уставот“, рече Филков, додавајќи дека идните судии, адвокати и обвинители треба да го употребуваат македонскиот јазик во институциите во кои планираат да работат.
Предлогот на актуелниот министер за правда Јетон Шасивари од Влен, за кој неодамна зборуваше и премиерот Христијан Мицкоски, предвидува усниот дел од правосудниот испит да се полага на македонски, а писмениот на јазикот на кој кандидатите студирале. Студентите и факултетите со настава на друг јазик не го прифатија предлогот и најавија дека, доколку биде потребно, повторно ќе протестираат. Пет факултети бараат испитот да може да се полага на албански, турски и англиски јазик.
Шасивари минатиот месец изјави дека преку дијалог со студентите и факултетите сака да се дојде до современо, правно издржано и европско решение. Тој соопшти и дека побарал мислење од Венецијанската комисија за предложените измени, за да се обезбедат дополнителна правна сигурност и усогласеност со европските стандарди.
Расправа за јазикот на полагање се отвори и меѓу политичките партии, откако лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, во петокот во интервју за Сител порача дека партијата ќе ја напушти Владата доколку се прифати правосудниот испит да се полага на друг јазик освен македонскиот. Тој рече дека премиерот е запознаен со партиските позиции и најави дека на следниот состанок со него ќе побара лидерска средба за дефинирање на црвените линии со коалициските партнери.









